Град Скопје реагираше на веста на Фокус дека една од седумте најдобри учителки за минатата учебна година е избркана од работа додека била на боледување. Освен што била разешена од директорската позиција во училишниот дом „Здравко Цветковски“ таа останала целосно без работното место. Во писмената реакција до Фокус, Градот наведува дека отстранувањето на Слаѓана Стаменкова не е политички мотивирано, туку е спроведено во легална постапка.
-Врз основа на поплаки од родители и ученици, Управниот одбор на ЈУУДГС “Здравко Цветковски – Скопје” се обраќа од Државниот просветен инспекторат да асистираат во водење на предметот. Пред членовите на Управниот одбор на ЈУУДГС “Здравко Цветковски – Скопје” и во присуство на претставници на Државниот просветен инспекторат извршено е интервју со Стаменкова, каде се разговара за наводите за прекршување на членот 63 од Законот за ученички стандард. На оваа седница се дискутира за голем број на обвинувања упатени за работата на Стаменкова, како што е непочитување на постапките при јавни набавки, лошо работење и услови во домот и др. Во извештајот за состанокот Државниот просветен инспекторат го дава следното мислење: “Наводите од заклучоците се основани, од страна на раководниот орган направени се повреди на законот. Од страна на директорот не се доставени докази и документи кои укажуваат на спроведување и почитување на законот. Горенаведените повреди и извршување на должностите на директорот претставуваат основ за поведување на постапка за разрешување на директорот”.Врз основа на овие наводи, Управниот одбор на ЈУУДГС “Здравко Цветковски – Скопје” поднесува предлог до Градоначалникот на Скопје за разрешување на директорот, стои во реакцијата.
Со тоа, сметаат надлежните дека се исполнети условите за разрешување на Стаменкова. – Исполнети се сите законски услови за разрешување на директорот Слаѓана Стаменкова, утврдени во член 65 став 1 од Законот за ученички стандард, како и член 70 од Статутот на ученичкиот дом, каде е наведено дека “Директорот на јавниот ученички дом може да биде разрешен од основачот во случај на направена повреда при извршување на закони, други прописи и општи акти, утврдени од страна на Државниот просветен инспекторат“, завршува реакцијата на Град Скопје.
Целата содржина на реакцијата е посветена на делот дека Стаменкова е разрешена од директорската функција во „Здравко Цветковски“, но нема ниту збор зошто директорката е избркана? Ако не постигнувала резултати како директор можела да работи на друга пониска позиција, на пример. И зошто таа е одјавена од Агенцијата за вработување во време кога користи боледување?
Фокус проверувајќи го списокот со наградени професори за минатата година го откри случајот со Стаменкова, а потоа проверката на нејзината биографија ни откри дека ја води комисијата за животна средина на ДОМ. Нејзиното разрешување во мај дали коинцидира или не, се поклопува со повлекувањето на ДОМ од владината коалиција. Подоцна, во текот на август кога таа заминува на боледување се соочува со отказ.
Претседателката на ДОМ, Лиле Поповска, во изјава за настанот посочи дека отстранувањето на Стаменкова од работа е скандалозно и политички мотивирано. Нагласи дека Стаменкова внела ред во ученичкиот дом, но тоа некому пречело. -Трајановски ја наградуваше Стаменкова, нејзината работа ја признаваат колегите и просветните асоцијации, но ако не им се приклониш, ќе ти се случи ова“- коментираше Поповска.
Ќе следуваат жалбени процедури, а потоа, очекувано би било, случајот да заврши на суд ако надлежните претходно не ја сменат одлуката и не ја вратат Стаменкова на работа.