Со месеци наназад, гостинките кои ќе присуствуваат на традиционалниот Ромски бал 2019 во Скопје, ги подготвувале своите свечени тоалети. Секоја година, настанот кој што е еден од најголемите и најраскошни случувања за Ромската заедница, претставува можност присутните да заблескаат во своето најсвечено издание, а за таа пригода никогаш не се штедело. Се изработувале фустани по нарачка, но и се купувале од странство, од познати модни креатори.
Ако во минатото во мода биле фустаните рачно извезени со срма, во последните години тој тренд не бил толку популарен, па гостинките се решавале за помодерни фустани со потпис на познати дизајнерски имиња.
-Во годините наназад шиев фустани, бидејќи ова е значаен настан за нас, жените, сакаме да заблескаме, да бидеме уникатни, секоја да се појави во поразлична гардероба. Ми се случуваше да купувам фустани и од странство, со светкави детали, рачно изработени. Годинава на мода се змиските дезени, па купив комплет во два дела од позната модна куќа. Се надевам дека нема и друга гостинка да носи нешто слично, сите овде сакаме да се истакнеме, како модна писта е салата – ни раскажа една од гостинките на балот, кој ќе се одржи утре вечер, во хотелот Александар Палас.
Утре се очекувало присуство на многу гости од странство, успешни и познати бизнисмени, кои секоја година доаѓале специјално за да бидат дел од настанот. Се очекува да продефилираат креации вредни и по неколку илјади евра, да се покажат скапите парчиња накит, брендираните фустани и чевли.
Исто така, гостинките посветувале големо внимание и на фризурата и шминката, па уште од пред неколку недели повеќето имале закажано термини во салоните за разубавување.
Годинава Европски Ромски бал ќе биде јубилеен, и ќе се одржи по 40-ти пат. Организатор е пратеникот Амди Бајрам, а се очекуваат гости од целиот свет.
Над 20 музички ѕвезди од земјава и странство ќе ги забавуваат присутните, а било подготвено и богато мени со печени јагниња, италијански специјалитети и квалитетни пијалоци.
Како и во годините наназад, ќе се избира и најубава Ромка.
Секоја година на балот се присутни голем број на гости од политичкиот врв. Во минатото беа редовни Сашо Мијалков, Никола Груевски, Марко Зврлевски… Годинава нема потврда дали ќе присуствува политичкиот врв, но биле поканети премиерот Зоран Заев и многу други политичари.
Билетите за настанот се продаваат по цена од 50 евра за лице, за ВИП силвер мени, и по цена од 100 евра за лице, за ВИП голд мени. Во првото мени покрај специјалитетите и пијалокот се нуди и половина печено јагне, додека во второто мени се нуди цело јагне на маса. Веќе се продале над 1.300 билети.
Вики Клинчарова