Пожар кај бензинската пумпа на „Окта“ во село Дељадровце, скопско, е пријавен попладнево на Единствениот број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи – ЦУК.
Како што соопштија од ЦУК, според првични информации, гори нискостеблеста шума и друга ниска вегетација.
-По дојавата на 112 во ЦУК, веднаш е алармирана и веќе е на терен Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) на Град Скопје која во моментот интервенира за да го локализира и да го изгасне пожарот на отворено. При гасењето помагаат и мештаните со трактори за да го пресечат пожарот на површината кон којашто се движи пламенот, наведуваат од ЦУК.
Нов пожар е пријавен и во кумановско. Како што објави Центарот за управување со кризи, горат сува трева и стрништа и во атарот на селото Лојане.
Претходно Регионалниот ЦУК Куманово извести за пожари на потегот на Агино село, Брзак и Селно село.
-Регионалниот ЦУК Куманово во 17.46 часот извести дека по остварениот контакт во 15,30 часот со заменик командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Куманово дека екипата со две ПП возила и седум пожарникари е се уште на терен за гаснење на пожарот на потегот с. Агино Село – с. Брзак, како што беше информирано во почетокот на противпожарната акција на локација во атарот на с. Селно Село, с. Брзак и с.Романовце, Кумановско.
Истовремено е известено дека една екипа на ТППЕ Куманово интервенира од 16.15 часот на опожарена сува трева и стрниште и во атарот на с. Лојане со едно ПП возило и три пожарникари. Екипата била се уште на терен, велат од ЦУК.