„Малку се сферите каде имаме соработка, речиси никаде. Тоа се случува, не изминатиов месец или недела дена, туку тоа трае со месеци наназад“.
Ова го вели градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски во неделното интервју за Радио слободна Европа.
„Ние практично имаме блокада на секое поле од страна на градот Скопје и јавните претпријатија и целата ситуација кулминираше вечерта кога ние практично влеговме да ја завршиме работата како градоначалници од скопските општини, на оние коишто треба да си ја завршат работата, а ја немаа завршено. Наидовме на неразбирање од нивна страна и наместо да кажат благодарам, бидејќи се соочивме со проблемот откако неколку дена се таложеше отпад по улиците во главниот град, а здравјето на граѓаните беше ставено во ризик, ние добивме блокада вечерта во доцните часови пред јавното претпријатие „Дрисла“, а подоцна се соочивме со оние би рекол несмасни изјави од нивна страна за тоа дека ќе ги казнувале Кисела Вода и Сопиште како општини затоа што сме одложиле дел од отпадот пред „Дрисла“ – вели тој.
Ѓорѓиевски вели дека ако во Скопје се направи анкета, втора тема во градот е хигиената, а на хигиената многу малку се внимава.
„Затоа сметам дека ако се расформира комуналното претпријатие, а тоа не е само мој личен став, во тоа сме обединети сите градоначалници од Скопје, јас сметам дека со трансформација на претпријатието „Комунална Хигиена“, кое што за жал во моментов не си ги врши како што треба работите, од една страна ќе имаме поекспедитивна постапка, ќе имаме почиста и поздрава животна средина и тоа ќе чини многу помалку, од тоа што ги чини од денешна гледна точка „Комунална Хигиена“ – вели градоначалникот на Кисела Вода.