Според последните податоци кај нас, 45% од жените изјавиле дека доживеале насилство во некоја форма; најчесто физички, ментално, емоционално, честопати премолчено и поттиснато, со чувство на беспомошност, рече сопругата на претседателот, г-а Елизабета Ѓоргиевска, во обраќањето на настанот „Има помош за живот без насилство“ што се одржа по повод одбележувањето на Светскиот ден на населението.
Таа рече дека очигледна е потреба од здружување на силите во борбата против родово-базираното насилство, а на тоа укажува комплексноста на проблемот.
„Мора да продолжиме да бараме решенија за безбедна и праведна иднина за секој поединец, во која лузните од насилството ќе бледнеат оставајќи ги во минатото. За жал, во сегашноста сè уште голем број жени и девојки се директно изложени на различни форми на насилство. Според последните податоци кај нас, 45% од жените изјавиле дека доживеале насилство во некоја форма; најчесто физички, ментално, емоционално, честопати премолчено и поттиснато, со чувство на беспомошност“, рече Ѓоргиевска.
Таа рече дека е цврсто убедена дека има помош за живот без насилство.
„Емпатијата, солидарноста, се само дел од арсеналот во борбата против родово-базираното насилство. Нашата цел не е само да обезбедиме привремен одмор од насилството, туку да изградиме иднина каде насилството е незамислив концепт. Тоа бара напори на институциите, граѓанското општество, приватниот сектор и поединци како секој од нас овде. Наша обврска е да создадеме услови во кои жртвите се заштитени, а сторителите повикани на одговорност. Превенцијата мора да стане основен дел од колективната свест“, рече Ѓоргиевска.
Таа рече дека годинешната тема на одбележување на Светскиот ден на населението за сите членки на ОН, не само што ја потврдува универзалната димензија на проблемот, истовремено и повикува на славење на силата и потенцијалот на жените и девојките за придонес во секое општество.
„Ослободувањето на моќта на родовата еднаквост: подигањето на гласовите на жените и девојките за да ги отклучат бесконечните можности на нашиот свет“, е вистински повик за колективна акција во справување со последиците со кои се соочуваме како глобална заедница. Повик за засилен ангажман во креирањето на правичен и достоинствен свет за секого, свет лишен од насилство, од страв, од дискриминација“, рече Ѓоргиевска.