Историчарот Драги Ѓоргиев, претседател на макдонскиот тим во заедничката македонско – бугарска Комисија за историски и образовни прашања, смета дека изјавата на премиерот Зоран Заев за бришење на придавката бугарски од фашистички окупатор на спомениците и во учебниците, е порака до Бугарија дека за историско помирување помеѓу двата народа треба да се разговара. Според Ѓоргиев, вистинските зборови се „простување, но не заборавање“.
-Кога станува збор за т.н. политики на сеќавање на една нација за своето минато тогаш за носењето решенија за таа политика, сеќавање кое обично се сведува на она што пишува на спомениците и како јавноста го перцепира тоа минато, видено преку очите на политиката, тогаш потребни се многу дебати, разговори, потребно е консензус во јавноста да се донесе одредена одлука на кој начин ќе биде претставен одреден настан или личност од минатото. Оваа изјава на нашиот премиер јас не ја гледам како изјава која веднаш ќе биде спроведена и со која веднаш од утре ќе се тргне на терен да се бришат некои придавки од она што е досега востановено. Повеќе јас ја гледам таа изјава како обид, порака до другата страна дека во однос на историското помирување помеѓу македонскиот и бугарскиот народ треба да се разговара, треба да се разговара за сите болни прашања кои постојат меѓу нас и нив и дека тоа е решението да дојде до помирување, рече Ѓоргиев во интервју за ТВ Сител.
На прашањето, дали ова значи да си простиме, но да не заборавиме, историчарот одговори дека апсолутно тие се вистинските зборови „простување, но не заборавање“.
За тоа дали има реакција или одглас од бугарска страна, Ѓоргиев посочи дека тоа е поголемиот дел од проблемот бидејќи досега сите обиди што ги направи и Комисијата и нашата политика со цел да се постигне некој позитивен одговор од таму, наидоа на еден многу тврд ѕид.