Гордана Јанкулоска има пушка и пиштол каков што има Џејмс Бонд!

by Фокус

arhivaТекстот е објавен на осми ноември 2013-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 944

Пишувал
Владо АПОСТОЛОВ

Слики. Купишта слики од познати хрватски автори. Слики во собите, ходниците, во кујната и во подрумот. Сликите се првото нешто што службениците на УСКОК, хрватското Биро за сузбивање организиран криминал го забележале кога во 2010 година со судски налог влегле во куќата на поранешниот премиер Иво Санадер. Избројале 250 слики. Кога веќе немало место по ѕидовите, Санадер, во оставата, веднаш над метлата, го закачил делото на Ѓуро Пулитика, еден од славната дубровничка сликарска тројка.

Тештата на Санадер, во изјава за истражителите објаснила дека, иако тоа ја нервирало сопругата, Иво постојано носел нови и нови слики и самиот ги закачувал каде што ќе стигнел.

Меѓу бројните уметнички дела имало и негови портрети.

УМЕТНИЧКИ ДУШИ

Дебатата за имотот на функционерите во Македонија се загреа со препукувањата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ уште кога опозициската партија почна да ги брои живеалиштата на министерката Гордана Јанкулоска, а буквално експлодираше по обвинувањата од собраниската говорница за имотот на шефот на тајната полиција Сашо Мијалков. Сега сите знаеме дека Мијалков живее под кирија и дека свекрвата на Радмила Шеќеринска има вила во Маврово.

Партиите ја извадија тешката артилерија за големиот имот, оној што вреди многу, иако интересни, а богами и скапи детали има и во графата „Подвижен имот“, поместена во таканаречените анкетни листови на Антикорупциската комисија.

Со слики, уметнички и колекционерски предмети може да се пофалат и актуелните македонски функционери. Според она што е објавено во нивните анкетни листови, кои се закачени на сајтот на Антикорупциската комисија, меѓу најголемите љубители на уметноста се премиерот Никола Груевски, неговиот братучед Сашо Мијалков и директорот на Управата за јавни приходи (УЈП), Горан Трајковски.

Од анкетниот лист на премиерот се гледа дека овој човек, освен пари (поседува 20 најразлични сметки, картички, депозити и нешто кеш), има само уште уметнички слики. Интересно е дека Груевски по дома закачил точно десетпати помалку слики од Санадер, односно 25 уметнички дела, кои вкупно чинат точно 7.000 евра.

Пред речиси четири години, во една дебата за увозот на половни автомобили на покојната А1 телевизија, пратеникот Влатко Ѓорчев се пофали дека вози ист автомобил како премиерот, „пунто“, но во анкетниот лист на Груевски во моментов нема возило.

И кога сме кај А1 телевизија, некако природно ни доаѓа да се потсетиме на името на директорот на УЈП, Горан Трајковски, кој беше еден од истурените играчи во операцијата службено наречена „Пајажина“. Трајковски пред антикорупционерите дал отчет дека поседува колекција на уметнички дела, слики и скулптури, вредна 27.000 евра.

Збирка од уметнички слики има и првиот контраразузнавач, Мијалков, која според анкетниот лист, ако не станува збор за техничка грешка, чини нешто повеќе од 29.000 евра.

Уметничка душа бил и претседателот на Лустрациската комисија Томе Аџиев, кој, според Антикорупциска, на своите ѕидови има дури 18 слики со пазарна вредност од близу 5.700 евра.

Десет уметнички слики пријавил и министерот Миле Јанакиески, меѓутоа нема податок колку чинат. Од познатите членови на владејачката партија со нешто поскромна уметничка лепеза може да се пофалат и министерката Јанкулоска и нејзиниот колега задолжен за труд и социјала Диме Спасов. Првата полицајка и нејзиниот сопруг имаат слики во вредност од 3.000 евра, додека далеку помладиот Спасов има уметнички и колекционерски предмети вредни 3.200 евра.

САКААТ ДА СЕ КИТАТ, АМА И ДА ПУКААТ

Опозициските бои достојно ги брани кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски, кој на последните локални избори по третпат ја доби довербата од сограѓаните. Популарниот Циц може да се пофали со збирка од 15 уметнички слики, вредни околу 9.700 евра.

Шеќеринска, пак, навела дека ја поседува само уметничката слика „Циганка“ од еминентниот македонски автор Никола Мартиноски, чија вредност не е напомената во анкетниот лист.

Иако логично беше да се очекува дека министерката Елизабета Канческа – Милевска има најбројна или барем најквалитетна уметничка збирка, според нејзината пријава, таа нема вредни арт-дела.

Во нејзиниот анкетен лист за одбележување е графата „Благородни метали“, каде што е наведено дека министерката за култура поседува накит вреден нешто повеќе од 29.000 евра. Уметничката душа во семејството на министерката се гледа по фактот дека, според анкетниот лист, нејзиниот сопруг е горд сопственик на мотоцикл од можеби најпопуларниот произведувач „Харли Дејвидсон“.

Јанакиески има пријавено златен накит во скромна вредност од 1.000 евра и женски и машки часовник, чија вредност не ја навел. Останавме куси и за вредноста на популарниот „хабло“ часовник што го носеше поранешниот полициски функционер Љупчо Тодоровски – Радникот, а богами остана да лебди и дилемата за тоа дали часовникот е оригинал или е од оние навидум сосема идентични и далеку поевтини копии.

Најмладиот министер, дваесет и осумгодишниот Диме Спасов пријавил накит вреден 3.252 евра, додека неговиот сопартиец и градоначалник на Битола, Владимир Талески, во анкетниот лист навел дека неговата сопруга има накит вреден околу 5.800 евра. Сограѓанинот на Талески, лустраторот Аџиев, пак, како заеднички имот пријавил златен накит вреден 8.130 евра.

Од познатите имиња во политиката со накит се пофалил и вицепремиерот Владимир Пешевски, односно тој пријавил дека неговата сопруга поседува накит, чија вредност за малку не достигнува 15.000 евробанкноти. Боите на опозицијата и во оваа категорија ги брани кумановскиот градоначалник, кој изјавил дека поседува златен накит во вредност нешто пониска од 2.000 евра.

И во оваа категорија се појавува Сашо Мијалков со онаа сума што беше предмет на препукувањето меѓу него и Шеќеринска. Имено, во најновиот анкетен лист на првиот контраразузнавач стои дека тој поседува семеен накит и рачни часовници во вредност од 3 милиони денари, или нешто околу 48.700 евра.

Мијалков, пред членовите на Комисијата за спречување корупција, пријавил и оружје, а она што е интересно е дека пушка и пиштол од оваа година има и неговата претпоставена Гордана Јанкулоска. Пиштолот од марката „валтер П22“ и пушката „брно 2“, министерката ги добила на подарок. Пушката ѝ ја подарил Градскиот стрелачки сојуз Скопје поради посебни заслуги во развојот и унапредувањето на стрелачкиот спорт, а пиштолот ѝ бил роденденски подарок.

Јанкулоска, на времето, била и државен првак во дисциплината воздушна пушка, а оружјето што го поседува сега го користи рекреативно на професионалните стрелишта. „П22“-ката e слична, но нешто помала од пиштолот „валтер П99“, кој се смета за внук на пиштолот „валтер ППК“, познат по филмовите на Џејмс Бонд, како и поради фактот дека „Валтер ППК“ поседувал и Адолф Хитлер.

Оружје има и заменик-министерот за земјоделство и ексдиректор на РЕК „Битола“ Зоран Коњановски, кој пријавил пиштол „црвена застава М88“, вреден 500 евра.

НЕКОИ ПОЗАЈМУВААТ, ДРУГИ НЕ СЕ ИСПЛАТЕНИ

Заменик-директорот на „Државна лотарија“ и повратник во ВМРО-ДПМНЕ, Филип Петровски, лани и преклани на двапати дал на заем вкупно околу 46.000 евра, покажува неговиот анкетен лист на сајтот на Антикорупциската комисија. „Фокус“ минатата година го праша Петровски од каде му се парите што ги позајмил, со оглед дека, сепак, станува збор за голема сума, а исто така нѐ интересираше и кому му ги позајмил. Одговорот беше дека парите се од стан што го продал претходната година, а ги дал на заем на компании за кои сметал дека се коректни и ќе му ги вратат.

Огромни позајмици имаше дадено и охридскиот ексградоначалник Аце Петрески, кој како позајмица дал вкупно 40.000 евра и 10.000 долари. Петрески лани за „Фокус“ коментираше дека парите им ги дал на пријатели и на блиски луѓе, кои сѐ уште не му ги вратиле. На прашањето од каде му е толкава сума, градоначалникот објасни дека најголемиот дел му е заштеда од тоа што една година работел во Багдад, Ирак, каде што платата му била 3.500 евра, а претходно 10 години бил директор на „ЕМО“ и три години на „Комуналец“. Живеев со моите родители и заштедив, коментираше тогаш Петрески.

Голема позајмица дал и експретседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, кој во својот имотен лист како заем пријавил 24.000 евра.

Објавивме дека голема сума побарува и првиот човек на Лустрациската комисија Томе Аџиев, кој, според антикорупционерите, чека да му исплатат 42.000 евра. Аџиев минатата година ни објасни дека станува збор за пари што ги должат неговите клиенти од времето кога бил адвокат и не беше сигурен дека воопшто ќе ги наплати. Дури 17.000 евра требало да му плати фирмата на негов близок пријател што ја застапувал како адвокат.

Според сајтот на Антикорупциската комисија, помалку пари позајмил првиот човек на УБК, Сашо Мијалов, кој побарува 600.000 денари или некаде околу 10.000 евра, а позајмици давале и градоначалниците од редовите на опозицијата. Така, градскиот татко на Струмица, Зоран Заев, пријавил дека дал заем од околу 70.000 евра, додека неговиот колега од Карпош, Стевчо Јакимовски, во неколку наврати позајмил вкупно 3.500 евра. Според последните информации на сајтот на Антикорупциска за функционерите што дале заеми, ситуацијата останува иста, односно тие сѐ уште не пријавиле дека некој им вратил пари.

Нашето истражување покажа дека и вицепремиерот Пешевски побарува значителна сума. Анкетниот лист покажува дека Пешевски завршил работа за која сѐ уште не му се исплатени речиси 70.000 евра. Нешто над 4.800 евра заем дала и пратеничката од редовите на СДСМ, Весна Бендевска.

ШТО Е ПОСТАРО, ПАРИТЕ ИЛИ ФУНКЦИЈАТА?

Кога онака, како во тетратка по коцки, ќе се повлече линија под сите  цифри, се доаѓа до едноставно сознаниe дека политичарите живеат далеку подобро од најголемиот број граѓани.

Филозофска би била дилемата дали луѓето се збогатуваат од политиката или политиката е резервирана само за оние со дебели конта.

Тоа е магичен круг во кој не се знае што е постаро, парите или функцијата, односно јајцето или кокошката.

Едно е сигурно, се знае кои се овците!

Дали жетвата му го однесе?
КОМАНДАНТОТ НЕМА ОРУЖЈЕ

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во својот анкетен лист нема пријавено ни накит, ни слики и, што е најчудно − не пишал дека има оружје!

Прашање е дали лидерот на македонската ОНА, кој во 2001 година со пушка се бореше против македонските одбранбени сили, го предал оружјето во акцијата „Жетва“ веднаш откако заврши конфликтот!?

Чудно
ДАМИТЕ ОД ДУИ БЕЗ НАКИТ!

Првите дами во владејачката ДУИ, пратеничките Ермира Мехмети и градоначалничката на Тетово Теута Арифи не пријавиле дека имаат значително количество накит или некакви уметнички дела.

Поврзани новости