Архива: Директорот Орданоски поднел оставка, па се пишманил

by Fokus 20:18
20:18

архиваТекстот е објавен во новогодишниот број на неделникот „Фокус“, 2015 година, во бројот 1004-1005

Според документите со кои располага „Фокус“, актуелниот директор на Агенцијата за електронски комуникации на 3 ноември оваа година си поднел неотповиклива оставка од директорското место, за само по три дена да ја повлече, со образложение дека ја дал во афектна состојба. Зошто директорот сакал да си замине, па се премислил? Кои се причините за радикалната промена на мислењето на првиот човек на АЕК? Каква е заднината на приказната, односно постојат ли притисоци од повисоки структури поради кои тој под итно ја повлекол оставката?

- Advertisements -

Во последните неколку години, во редовите на владејачката партија се случија многу промени на министерски, пратенички и на директорски места. Кадровските промени беа изведувани без многу бранувања, главно со тивки оставки и ротирања на други позиции. Според досегашната практика, по принципот „Не бранувај“, некои директори си поднесоа оставки и без бурни реакции заминаа, некои беа принудени да си заминат, додека некои само беа префрлени од една на друга функција.

Сето тоа премиерот Никола Груевски го прави без поголема врева, а во јавноста излегува единствено тоа што, според него, треба да се слушне. Работите се доведени до тој степен, што сите податоци што треба да бидат од јавен карактер, па дури и најбаналните, се третираат како државна тајна или се водат под назнаката „строго доверливо“.

Како пример може да се земе суспендирањето на Дејан Митревски – Урко, кој повеќе од осум години му го чуваше грбот на премиерот и беше шеф на обезбедувањето. Поминаа дури четири месеци од неговата суспензија, а сѐ уште никој не ја знае вистинската причина – зошто првиот човек на владата му удри корпа на својот најверен чувар? На оваа тема не се слушна гласот на Груевски, но недостапен за новинарите остана и Урко. Залудни беа сите обиди да се добијат официјални информации, па сите одговори се градеа врз основа на претпоставки и шпекулации.

Во слична ситуација се најдовме и во последните две недели, обидувајќи се да дојдеме до информации што се случува во Агенцијата за електронски комуникации, со која раководи Роберт Орданоски. И таму наидовме на затворени врати, официјалните информации повторно изостанаа, а нашите прашања останаа неодговорени. Но, да почнеме со ред!

ОРДАНОСКИ ДАВА ОСТАВКА, ПА ЈА ПОВЛЕКУВА

 Роберт Орданоски, првиот човек на Агенцијата за електронски комуникации на директорската фотелја седнува во ноември 2010 година, па со оглед на тоа што Законот предвидува дека мандатот на директорот трае пет години, значи дека му останува уште една година на оваа позиција. Орданоски на раководното место на АЕК доаѓа наместо Петар Ивановски, кој по две години си поднесува оставка на функцијата, како што тврди, од лични причини.

На ваков тест, пред само два месеца бил ставен и актуелниот директор на АЕК. „Фокус“ располага со документи во кои се наведува дека Орданоски на почетокот на ноември си поднел неотповиклива оставка, но за само неколку дена се пишманил и ја повлекол оставката. На сите документи стои неговиот потпис. Тој на 3 ноември оваа година, оставката ја доставува до Комисијата за електронски комуникации.

Поради ненадминливи разлики во начинот на водење на Агенцијата за електронски комуникации со Комисијата за електронски комуникации поднесувам неотповиклива оставка на местото директор на Агенцијата за електронски комуникации – се наведува во документот потпишан од Орданоски.

Но, само по неколку дена, работите тргнуваат во друга насока. На 6 ноември 2014 година, првиот човек на АЕК ја повлекува оставката.

Ја повлекувам оставката на местото Директор на Агенцијата за електронски комуникации поднесена на 03.11.2014. Истата беше поднесена во афект и нејзиното значење го сметам за ништавно – се наведува во другиот документ, исто така потпишан од актуелниот директор.

Останува нејасно кои се причините што го навеле Орданоски на ваков чекор? Зошто си поднесува оставка, а после само неколку денови ја повлекува? Дали се соочува со одредени притисоци и закани? Кој е тој што му се заканува?

Одговори на сите овие прашања се обидовме да добиеме и од првиот човек на Агенцијата за електронски комуникации, но до затворањето на весникот не ни одговараше ниту на нашите телефонски повици, ниту на смс-пораките.

КАКОВ КОНФЛИКТ ИМАЛ СО КОМИСИЈАТА?

Како што може да се забележи во документите, тој како една од причините за оставката ги наведува ненадминливите разлики во комуникацијата со Комисијата за електронски комуникации, чии членови според Законот ги именува и разрешува Собранието.

Се обидовме да стапиме во контакт и со претседателот на Комисијата Гордана Клинчарова, но до затворањето на весникот, таа, исто така, не одговори на нашите прашања – дали постоеле некакви проблеми меѓу членовите и на Комисијата и директорот и зошто во еден момент Орданоски поднел оставка, а веќе за неколку дена ја повлекол?

Според неофицијалните информации до кои дојдовме, првиот човек на АЕК веќе подолг период имал притисоци на работното место, затоа што не се согласувал со одредени политики што се воделе, а се шпекулира дека имал проблеми и со некои од повисоките структури. Со оглед на сегашната ситуација, нашите извори коментираат дека тој бил принуден да ја повлече оставката што ја поднел во ноември, а ништо од сето тоа не смеело да излезе во јавноста.

Како и секогаш досега, останавме покуси за официјалните информации, но, не по наша вина, туку поради игнорантскиот однос од страна на актуелниот директор на АЕК и надлежните институции.

 Рамка:

ПРВО ОДОЛЕВАШЕ, ПА ГО ОБЈАВИ СВОЈОТ АНКЕТЕН ЛИСТ

 Долго време откако беше избран за директор на Агенцијата, Орданоски не достави податоци за својата имотна состојба до Антикорупциската комисија. Неговото образложение тогаш гласеше дека не е јавен функционер, туку дека е избран менаџер со одлука на владата.

Во меѓувреме, Антикорупциската комисија објави негов анкетен лист, според кој, има два стана во Скопје од 2010 и 2012 година од вкупно 162 квадратни метри, вредни речиси 140 илјади евра. Потоа навел дека поседува куќа со двор и деловен простор во вредност од преку 15.000 евра. На крајот, како имот на неговото семејство има неколку денарски платежни картички, дел во позитива, дел во негатива и два кредита од 20.000 евра.

Поврзани новости