ВМРО-ДПМНЕ вечерва организираше нов протест против поскапувањето на струјата за 7,42 отсто, барајќи враќање на старата цена и оставка на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и нејзиниот претседател Марко Бислимовски.
Протестот почна пред Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Аеродром од каде учесниците со возила во колони се упатија пред РКЕ во Центар.
Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека струјата поскапува во услови на економска криза наспроти многу европски земји каде што цената е намалена. Бислимовски и РКЕ, рече, треба да поднесат оставка или да бидат разрешени од Владата и да се именува професионална Регулаторна комисија.
-Македонија плаќа највисока цена на струјата во Европа споредено со примањата коишто ги имаат односно што ги немаат македонските граѓани. Бараме час поскоро враќање на старата цена и разрешување на Марко Бислимовски како послушник на Зоран Заев и неговите министри. Заев го именувал, Заев да го смени. Ако не, Бислимовски да си поднесе оставка и целата Регулаторна комисија. Затоа што во оваа сиромаштија, отпуштања и економски колапс кој ни се случува, да се зголемува цената на струјата не е ништо друго освен економски терор врз стандардот на граѓаните на Македонија. Ова е важно за илјадници семејства во земјава и за економијата која во моментов е на колена, рече Ѓорчев.