Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, денеска повторно го праша вицепремиерот и бизнисмен Кочо Анѓушев дали влегол во политиката за да ги врати долговите од 26 милиони евра.
-На седницата за гласање на доверба на владата, граѓаните јасно слушнаа дека Анѓушев, којшто беше своевремено претставуван како еден од најбогатите луѓе во државата, дента кога стапнал на функцијата втор човек во владата на Заев имал долгови од 26 милиони евра. Поминаа 5 дена, а од Анѓушев нема никаков коментар – рече Ѓорчев.
Тој истакна дека веднаш откако Анѓушев стапил на функцијата, неговата Фероинвест доби тендер во висина од 2.6 милиони евра од ЕЛЕМ, а набрзо потоа владата ја укина царината за литиум – јонски акумулатори само за производителите, кои ги произведува друга фирма на вицепремиерот – Брако.
-Граѓаните прашуваат дали Анѓушев со нивните пари од Буџетот на државата преку разни тендери и преку разни царински ослободувања ги враќа долговите кои ги имал пред да влезе во политиката? Додека фирмите на Анѓушев нижат тендери и царински ослободувања, државата економски очигледно стагнира па дури оди надолу – изјави Ѓорчев.
Воедно, тој истакна дека во екот на преговорите за името на Република Македонија, Анѓушев почнал да лицитира со евентуалното новото име на државата и истовремено влезе во фаза на продажба на неговата фирма за трговија со струја, ЕДС, на грчкото државно електростопанство.