Куќи на високи владини функцонери на Боливија и нивни роднини, вклучително и на сестрата на долгогодишниот претседател на јужноамериканската држава Ево Моралес, денеска беа запалени, во рамки на немирите кои настанаа после изборите на 20 октомври, по кои Моралес прогласи победа, меѓутоа под притисок на обвинувањата за лажирање на изборите попушти, ги поништи изборите и предложи нови избори.
Сепак, во меѓувреме неговите противници покренаа демонстрации, кои добија насилни димензии, така што тројца загинаа, 200 лица се повредени, а денес беа запалени куќите на сестрата на Моралес, како и на претседателот на боливискиот парламент Виктор Борда, кој поради тоа си поднесе оставка.
-Поднесувам оставка како претседател на Собранието, со надеж дека тоа ќе му помогне на физичкиот интегритет на мојот брат кого го држат како заложник во неговиот дом во Потоси – изјави Борда
Претходно , министерот за рударство Цезар Наваро и министерот за енергија Луис Алберто Санчез, кои важат за блиски со Моралес, исто така, поднесоа оставки.
„Текот на настаните оди спротивно на моите лични принципи, како и на моите духовни и демократски вредности и заради тоа сум спречен да продолжам да го водам министерството“, напиша Санчез во писмото до боливискиот претседател, кое го објави на Твитер.
Во меѓувреме, боливиските вооружени сили го повикале и Моралес да поднесе оставка за да се обезбеди стабилност на земјата.
-Со оглед на ескалацијата на конфликтот и загрижени за човечките животи, го повикуваме претседателот да поднесе оставка“, изјави на прес-конференција пренесувана на Facebook, командантот на Вооружените сили на Боливија, Вилијамс Ромеро.
Инаку, неговиот главен ривал на изборите, Карлос Меса, како и другите опозициски кандидати, бараат Моралес да не учествува на новите избори за шеф на државата и даподнесе оставка, меѓутоа тој првично оцени дека ваквото барање претставува обид за државен удар.