Горан Милевски ја напушти седницата за да ги остави без кворум измените на Законот за пушење

by fokus

Пратеникот и претседател на ЛДП, Горан Милевски, ја напушти собраниската седница за да нема кворум да се донесат измените на Законот за заштита од пушењето. Пред да излезе од салата, Милевски рече дека мнозинство во парламентот се пушачи, кои се водат од свои интереси, а не од интерсот на граѓаните. Тој додаде дека законот прво требало да го почитува Собранието, алудирајќи дека во затворени простории во законодавниот дом слободно се пушат цигари.

-Артан Груби се врати на седница за да обезбеди мнозинство од 61 пратеник, по што моето излегување нема да влијае на кворумот, но барем да не сум присутен на чинот на гласањето. Мнозинството овде присутни имаат намера да ги донесат измените на Закон, кој е единственото добро што произлезе од десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ – рече тој.

Порача дека парламентарното мнозинство покажува лицемерие затоа што не поддржува легализација на марихуаната.

-Вие сте против легализација на марихуната која нема никакви научни докази дека им штети на здравјето на луѓето, а сте против законот за пушење иако научно е докажано дека цигарите им штетат на сите. Бараме здрав живот, а се бориме за профит на приватниците, личен профит не може да биде поважен од здравјето на граѓаните – рече Милевски пред да ја напушти пленарната сала.

 

Поврзани новости