Големите партии им го зголемија бројот на потписи на независните

by fokus

Непосредно пред локалните избори големите партии договориле измена на Изборниот законик со што се зголемува прагот за собирање на потписи за независни листи на кандидати за советници и градоначалници, соопшти премиерот Зоран Заев.

Според договореното, за поднесување на независни листи сега треба да се соберат потписи од два отсто од вкупниот број на избирачи во општината.

-Ако има општината 10 илјади избирачи треба 200 потписи за да се поднесе независна листа. Ако има 50 илјади избирачи треба илјада потписи да се поднесе независна листа, вели Заев.

Тој тврди дека преговорите се воделе повеќе од месец дена со учество на сите парламентарни политички партии, при што договорени биле и денот за датумот на изборите, модалитетите за отворени или затворени листи, како и за сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР, меѓу кои и препораката за унифицирање на прагот на неопходни потписи за поднесување на листите.

-Апсолутно не се работи за некој договор меѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, тука беа и Алијанса, тука беа и Левица ги гледам коментарите, беа сите коишто учествуваа на самиот Предлог-закон, на крајот законот се носи во Собранието и секако таму може да се отвори дебатата што е соодветна. Дефинитивно јас мислам дека таа препорака на ОБСЕ/ОДИХР за да се унифицира прагот на собирање на потписи на сите во процентуален износ е вградена и треба да ги почитуваме препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а за точниот процент тие се аргументите коишто ги соопштија пред мене, вели Заев.

Независна советничка листа за Град Скопје за претстојните избори најави граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ кои реагираат на оваа одлука на партиите и испратиле барања до претседателот Стево Пендаровски, Државната комисија за спречување на корупција и до дипломатските претставништва во земјава и ОБСЕ.

-Зошто наместо да го измените прагот за потребни потписи за независните, граѓански листи, по примерот на Грција, Малта, Кипар и сл., каде се потребни само 12, односно 4 потписи, вие го подигате на 2% од избирачите, што преведено би значело дека за Гази Баба се потребни над 1,200 потписи, за Карпош над 1,040, за Центар над 840, за Аеродром над 1,260, за град Скопје над 8,840, за Тетово над 1,570. И сето ова во ек на одмори, во рок од 15 дена. Ви за ви 1,000 потребни потписи за регистрација на една партија која делува низ цела држава, без рок, реагираат од О2 иницијатива која е дел од „Зелен хуман град“.

Поврзани новости