Во Конгресот почна сослушувањето за упадот во Капитол

by fokus

Избраната конгресна Комисија за упадот во американскиот Капитол на 6 јануари ги почна првите сослушувања. За денеска закажани се сведочења на четворица полицајци, двајца од полицијата на Капитолот, двајца од полицијата на дистриктот Колумбија.

Сите четворица службени лица биле во служба на 6 јануари и моментално сведочат за физичките и вербалните напади што ги доживеале тој ден. Во наредните денови се очекува да се обелоденат досега неемитувани снимки од нападот на Капитолот на приврзаници на поранешниот претседател Доналд Трамп.

Претседателот на комисијата. Бени Томпсон, демократ од Мисисипи, во емотивно воведно излагање зборуваше за загрозената демократија на САД и ги критикуваше оние кои ја негираат значајноста на тоа што се случи на 6 јануари.

-Некои луѓе се обидуваат да го порекнат тоа што се случи. Да го исперат. Востаниците да ги направат маченици. Но цел свет виде што се случи на 6 јануари. Бесилки поставени таму на (Националната) алеја. Знамето на овој прв неуспешен и осрамотен бунт против нашиот сојуз, беше парадирано низ Капитолот. Омразата, фанатизмот, насилството, кажа конгресменот Томпсон.

Конгресменката Лиз Чејни, републиканка од Вајоминг, еден од двајцата претставници на Републиканската партија поставени во комисијата од спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, истакна дека панелот мора да ги разгледа дејствијата тој ден на поранешниот претседател Доналд Трамп.

-Не можеме да оставиме насилството од 6 јануари и неговите причини да не бидат истражени. Мора да знаеме што се случило тука во Капитолот. Исто така, мора да знаеме што се случувало секоја минута и секој ден во Белата куќа. Секој телефонски повик, секоја средба кои воделе кон, во текот и после нападот… Чесните мажи и жени мора имаат обврска да истапат. Ако оние одговорните не се повикаат на одговорност, и ако Конгресот не дејствува одговорно, тоа ќе остане како рак на нашата уставна република, рече Чејни.

Поврзани новости