Во некои женски часописи ја имам сретнато претпоставката дека првата карактеристика која ќе ве привлече кај вашиот партнер воедно ќе виде првата карактеристика која, со текот на времето, ќе почне да ве одбива од него/неа. Дали е тоа баша така? Дали може партнерот до толку да се смени? Се’ си мислам дека едноставно се работи за преголеми, често нереални, очекувања кои останале неисполенети. Очекуваме од другиот нешта кои нам ни недостасуваат, кои ние ги посакуваме – исцртуваме слика за непостоечка личност. И се вљубуваме во неа, во вечно младиот и безгрешен Доријан Греј. Е, кога таа наша фантазија ќе прсне, односно кога ќе се соочиме со портретот, почнуваме да повредуваме.
Сличен феномен забележувам деновиве по социјалните мрежи. Постојат десеттина, можеби и повеќе, индивидуи кои се следени од илјадници луѓе. Намерно го употребувам терминот индивидуи. Сметам дека атрактивноста, интересот кај јавноста го добиле токму затоа што се индивидуални и единствени во своите ставови, коментари, размислувања и анализи. Се ставам од страната на нивните (условно кажано) вљубеници затоа што знам кој бил мојот мотив да ги побарам да се дружиме. Сакам да ги читам и да разговарам со нив. И не само јас, туку и поголениот дел од вас. Тоа ги прави овие индивидуи јавни личности, таа маса луѓе го шири нивното влијание. Од другава страна, секој од нас почнува да гради свој вид очекувања од оние кои нé плениле со својата индивидуалност. Од трета страна, се лутиме кога големите очекувања не се исполниле. Зошто? Затоа што профилот Х не размислува исто како нас, затоа што не го дели нашиот став за конкретни случувања или затоа што воопшто нема став.
Сосема разбирам дека сме станале нервозни, нетрпеливи и дека сме огорчени од целокупната атмосфера. Сепак, немојте да дозволиме да замре дијалогот, разговорот, дебатата. Немојте да ја изгубиме моќта на сослушувањето и мудроста на премолчувањето. Зар ќе практикуваме „полиција на мислата“? Дозволете и негувајте различни мислења. Ако сметате дека вашите очекувања се изневерени – прашајте се дали воопшто имате право да очекувате било што од било кого, освен од себе. Пред да почнете да пукате со вакви и онакви квалификации, пресметајте дали тоа би било продуктивно. Не би сакала да поверувам дека единствената цел на некоја дискусија би била навредата кон виртуелниот пријател кој не се согласува со вас. Вие сте го одбрале да ви биде пријател.
Овој антагонизам го гледам и во дискусиите после дебатни емисии на малкуте телевизии каде се’уште живее дијалогот. Зад маската на масите и безбедниот конформизам на анонимноста си допуштаме да плукаме по „неистомислениците“, да уредуваме политики на новинарско известување, само заради тоа што не сме го чуле или виделе тоа што сме го очекувале.
Конечно, дајте да си ги погледнеме сопствените маани и несовршености и да ги смалиме очекувањата кон другите. Независно дали станува збор за партнер, виртуелен пријател, сосед, роднина. Да не ги оптеретуваме другите со замислени обврски кои не се нивни. Со тоа, покрај другото, ќе се спасиме од понатамошни разочарувања.
Сега, како никогаш порано, треба да бидеме реални, толерантни и мудри.
универзитетски професор Гордана Попсимонова