Голем залак касни, ама голем збор не кажувај!

by Fokus

Главното прашање ќе дојде по изборите. Како ВМРО-ДПМНЕ ќе најде коалициски партнер од албанскиот блок кога неговите можни партнери Таравари и Касами, за да коалицираат со него, ќе му испорачаат услови „пострашни“ и од тиранската платформа

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Не знам како завршила лидерската средба во Собранието што ја свика претседателот на владата Димитар Ковачевски со лидерите на парламентарните партии, бидејќи кога го пишувам ова таа уште не е ни почната.

Што е право, не побарав од уредништвото да ме почека со текстов до завршувањето на средбата баш поради тоа што сакав таквото здодевно издание на лидерски средби да си го направам поинтересно.

Дали Ковачевски ќе попушти пред притисокот и уцената за предвремени избори од страна на Христијан Мицкоски како услов за поддршка на уставните измени со внесување на Бугарите?

Ако е маж, нема да попушти, ама ако е разумен политичар, ќе попушти и ќе го нокаутира Мицкоски на подолг рок. Мицкоски така исправен, со високо втренчен поглед кон премиерската фотелја не може да види дека е застанат на погрешната нога.

Без разлика на неговиот евентуален триумф во конечната разврска околу предвремените избори, тој како политичар тешко ќе се одржи.

Ако ги прифати уставните измени за внесување на Бугарите, под услов веднаш потоа да се распишат предвремени избори, во моментот ќе му се урне целата национална платформа на која почива партиската политика на ВМРО-ДПМНЕ.

ГЛАВНОТО ПРАШАЊЕ

Мицкоски буквално ќе се судри сам со себе и доцна ќе ја сфати онаа народната – голем залак касни, ама голем збор не кажувај.

Ќешки да не кажуваше дека нема да дозволи Бугарите да се најдат во македонскиот Устав и да не ги влечкаше пратениците по нотари за да си го бетонира зборот, сега ќе имаше каква-таква отстапница.

Еве, да речеме, мнозинството во парламентот да му го прифати условот на Мицкоски за предвремени избори, еве Собранието и да ја голтне таа горчлива таблета со уставните измени пропишана како лек од бугарските „доктори“ за спас на Македонија од балкансково мочуриште – што потоа?

Како да се изведе таа операција, а симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ тоа да не го доживеат како предавство од омилениот лидер, кој, всушност, заедно со партиските челници ја бркал само премиерската фотелја и привлечните медени функционерски места од врвот, па сè до последното локално ќоше?

Еве, да претпоставиме дека симпатизерите и обичното членство цврсто ќе застанат зад пишманењето на Мицкоски и дека ќе му обезбедат јака победа на евентуалните предвремени избори.

Главното прашање ќе дојде по изборите. Како ВМРО-ДПМНЕ ќе најде коалициски партнер од албанскиот блок, кога неговите можни партнери Таравари и Касами, за да коалицираат со него, ќе му испорачаат услови „пострашни“ и од тиранската платформа?

Сега да не ги коментирам уцените на Алијанса и БЕСА, кои по победата на локалните избори во Тетово и во Гостивар си се доживуваат како големи играчи, па така вивнати во височините со клунот се трудат да го потфатат кончето, да го повлечат и да почнат со парањето на државното плетиво, Република Северна Македонија.

БЕСПЛАТЕН СОВЕТ

Добро, сега се занесени и полни со себе, но кога ќе сфатат што точно бараат, ќе се поткасаат, или некој друг ќе ги касне.

Претпоставувам дека тие не се свесни дека ќе чепнат во унитарноста на граѓанската држава, дека ќе треба да се поништи Рамковниот договор, дека полека ќе почне федерализацијата, потоа следи дводомен парламент…

Па, кај ќе се поништува Рамковниот, зашто во истиот пакет да не се поништат и Преспанскиот и Договорот со Бугарија… И потоа: „Ај, да си направиме една мала контролирана граѓанска војна“, во најдобар случај!

Не потценувам ниедна политичка структура, ама во случајов со Касами и Таравари силно ми е претчувството дека ќе завршат игнорирани и изолирани како градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, некаде на некој слеп колосек.

И за крај, еден бесплатен совет за Мицкоски. Нека ги поддржи уставните промени без уцени со предвремени избори.

Што ќе му е власт во ова страшно време-невреме. Ковачевски нека турка, нека се мачи, нека врзува крај со крај, нека папса изнемоштен од преголемото бреме што го носи на плеќи, и… годината поминала.

Ете му на Мицко и редовни избори и истоштен противник. Ако му се посреќи да победи, може повторно ќе се врати правилото за коалицирање „победник со победник“.

Ама пред тоа мора здраво да се нагази на „лудиот европски камен“.

Поврзани новости