Повеќе од 5.000 луѓе протестираа денеска во Истанбул против инфлацијата и падот на куповната моќ, на првиот голем собир против превирањата во турската економија.
На повик на водечките синдикати, демонстрантите изразија незадоволство од нестабилноста на турската лира и инфлацијата, која според официјалните податоци, од ноември порасна на 21,3 отсто за една година.
Опозицијата и некои аналитичари ја доведуваат во прашање веродостојноста на официјалните податоци и го обвинуваат Националниот завод за статистика дека ги потценува вистинските бројки.
Вистинската годишна инфлација изнесува повеќе од 58 отсто, стои во студијата на ЕНАГ (Група за истражување на инфлацијата), составена од независни економисти.
Демонстрантите бараат зголемување на минималната нето плата, која сега изнесува 2.825 лири (179 евра) на 5.200 лири (331 евро).
-Власта мора да си замине бидејќи за да си ги наполни своите џебови, ги празни нашите. Затоа сме на улица, да им кажеме: Доста беше! – изјави вработена во градската општина.