Главниот град на Косово, Приштина, во наредните четири години ќе биде воден од градоначалник од редовите на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), архитектот Прпарим Рама, кој во вчерашното прегласување за локалните избори 2021 го победи ривалот од владејачкото Движење самоопределување (ВВ), доскорешниот министер за здравство, Арбен Витиа.
Победата, со 51,07 наспроти 48,93 отсто од освоените гласови, по затворањето на гласачките места ја прогласи самиот Рама, заедно со партискиот лидер, Љумир Абдиџику, додека недолго потоа изборниот резултат го призна и Витиа, честитајќи му на новиот градоначалник на косовската престолнина.
По вчерашниот втор круг градоначалнички избори во Косово, според медиумите и аналитичарите во земјата, се потврди драстичниот пад на рејтингот на владејачката ВВ, која на парламентарните избори на 14 февруари годинава извојува убедлива победа, со освоени околу 51 отсто од гласовите.
Партијата на премиерот Албин Курти на овие локални избори освои само четири градоначалнички места, иако во предизборието претендираше на апсолутна победа во речиси сите општини со мнозинско албанско население.
Според конечните резултати, најголем успех постигна партијата на косовските Срби, Српска листа. Оваа партија, која ја има отворената поддршка од официјален Белград и за која кај косовските Срби, меѓу другите, повикува да се гласа и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги доби сите десет општини со мнозинско српско население, од кои девет во првиот круг, одржан на 17 октомври, и еден во вчерашното прегласување.
Што се однесува до партиите на косовските Албанци, најдобар резултат забележа најголемата опозициска партија, Демократската партија на Косово (ПДК), со девет освоени општини. Следат ЛДК со седум, Алијансата за иднината на Косово (ААК) со пет и ВВ со четворица градоначалници. По една општина освоија вонпарламентарната Социјалдемократска иницијатива (Нисма) и еден независен кандидат.
Покрај Приштина, опозициските ПДК, ЛДК и ААК ги освоија и повеќето од поголемите градови, како Призрен, Урошевац, Митровица, Ѓаковица, Пеќ и други, додека на партијата на Курти ѝ остана да се задоволи со Гњилане и уште три помали општини.
Вториот круг на гласањето за локалните избори 2021 во Косово, на кои се прегласуваше за градоначалници во 21 од вкупно 38 локални административни единици, на колку што е поделено државата, се одржа вчера во демократска атмосфера и без посеризони инциденти.
Право на глас во општините во кои имаше втор круг имаа вкупно 1.260.571 граѓанин, што е 66,85 отсто од запишаните гласачи на ниво на цело Косово, а се гласаше во 575 изборни центри со 1.638 избирачки места. Според официјалните статистики, своето право го искористија околу 40 отсто од граѓаните со право на глас.
Гласањето се организира со пропишаните мерки за заштита од ширење на коронавирусот, со носење маски и почитување на физичка дистанца, иако имаше и неколку поплаки од граѓаните дека во одредени гласачки места не се почитувале заштитните мерки.
Ангажирани беа 30 мобилни тимови за граѓаните заразени со коронавирусот и 80 мобилни тимови за гласање на оние што поради здравствената состојба не можеа да дојдат на гласачкото место.
За разлика од првиот круг, за кој кампањата траеше 30 дена, за прегласувањето партиите за претставување на нивните програми имаа на располагање само пет дена, од понеделник, 8 ноември, до петокот на полноќ, кога започна избрниот молк.
Според набљудувачите, и во овој, како и во првиот круг, кампањата помина во прилично демократска атмосфера, но има забелешки дека на партиските собири не се почитувале протоколите за заштита од ширењето на пандемијата на Ковид-19.
За денешното прегласување во Централната изборна комисија на Косово беа акредитирани 10.510 набљудувачи, од кои 9.287 од политичките партии, 577 од домашните и 30 од странски медиуми, 50 од дипломатските мисии, 319 од домашните и 178 од срански невладини организации и 69 од институцијата Народен правобранител. Од ЦИК информираа дека за вториот круг не се пријавил ниеден заинтересиран набљудувач од соседните држави.
Ова беа четврти локални избори во Косово од прогласувањето на независноста на државата на 17 февруари 2008 година.