Ѓоковиќ не подарува пари, луѓе напразно пишуваат „Новак Љубов“

by fokus

Напишете ,,Новак Љубов” и на првите 3.000 луѓе кои ќе го направат тоа, ќе им дадам половина милион евра. Звучи неверојатно, но десетици видео клипови со тенискиот ас Новак Ѓоковиќ и со купчиња пари, деновиве масовно се споделуваат на социјалните мрежи. Голем број на Македонци ,,паднаа” на измамата која е актуелна, во надеж за лесно добиени пари, па и по десетици пати пишуваат ,,Новак Љубов”.

На некои од видео клиповите е објавена помала сума, дека ќе добијат на пример по 20.000 евра, додека пак не некои пишува дека Ѓоковиќ се решил на овој чекор, со цел да им помогне на луѓето поради корона кризата.

Како и да е, сите кои се понадевале дека токму тие ќе бидат среќните на кои тенисерот ќе им реши финансиските проблеми, напразно пишувале и споделувале линкови од наводната донаторска акција.

Новак не поклонува пари, и станува збор за измама. Сличен случај имаше и пред три години, кога беше објавена вест дека тој ќе отвора ресторани за бездомници, каде луѓето ќе добиваат бесплатна храна. Истата вест ја демантираше Небојша Мандрпа од неговиот тим за односи со јавност, но се уште повремено се објавува во одредени портали, а очигледно е дека многу луѓе поверувале, па во коментари на социјалните мрежи му порачуваат – Браво царе, најдобар си.

Кога се рестораните во прашање, Ѓоковиќ има два. Еден во Белград ,,Новак”,  кој го отвори во 2009 година, и еден во Монте Карло ,,Еквита” отворен во 2016 година, а што и да порачате, ќе треба уредно да си го платите. Бесплатна храна не се служи.

Околу тоа дека Новак преку социјалните мрежи дели големи суми на пари, вистината е дека тој е основач на Фондација Новак Ѓоковиќ, која помага на деца во Србија, но фондацијата функционира преку донации од хумани луѓе ширум светот.

Деталите се објавени на официјалната страница на тенисерот, каде е појаснето како нештата функционираат. На пример, објавена е веста за момчето Роман од Англија, кое наместо роденденски подароци, побарало гостите да донираат пари, а собраната сума од 647 фунти била наменета за две деца од Србија и со тие пари бил платен нивниот престој во градинка.

Исто така, појаснето е дека сите средства кои луѓето ќе ги донираат во Фондацијата Новак Ѓоковиќ завршуваат во нивните програми и директно ги помагаат децата во Србија кои имаат потреба од помош. Пари за пишување ,,Љубов” на социјалните мрежи, тенисерот не поклонува, на разочарување на лековерните.

Поврзани новости