Ѓоковиќ го совлада Зверев, оди против Медведев во финалето на УС Опен

by fokus

Србинот Новак Ѓоковиќ дојде на чекор да испише историја во светскиот тенис, откако рано утрово по голема борба во пет сетови го совлада Германецот Александар Зверев (4-6, 6-2, 6-4, 4-6, 6-2) и се пласираше во финалето на УС Опен, во кое за противник ќе го има Русинот Данил Медведев.

Најдобриот светски тенисер сега го дели само една победа од календарски грен-слем, кој последен пат го освои Род Лејвер во 1969 година, како и од рекордна 21 титула на најголемите турнири со што ќе ги надмине Роџер Федерер и Рафаел Надал (20).

Српскиот тенисер, исто така, дојде и до своето рекордно деветто финале на грен-слем турнирот во Њујорк со што ги надмина Пит Сампрас и Иван Лендл.

Противник на Ѓоковиќ во утрешното финале на стадионот „Артур Неш“ ќе биде вториот тенисер во светот Данил Медведев, кој во првото полуфинале без поголеми проблеми со максимални 3-0 во сетови (6-4, 7-5, 6-2) го совлада Канаѓанецот Феликс Оже-Алиасим (15 на АТП листата).

Поврзани новости