Поп пејачот Ѓоко Ѓорчев ќе одржи голем концерт во МОБ на 31-ви октомври, со кој ќе одбележи 25 години на сцената.
Вели дека се радува на настанот, но во исто време е свесен дека е потребна и голема психичка и физичка кондиција за да се изведе целиот концерт во најдобро светло. Напорни подготовки, секој ден по два часа вежбање со бендот, но и посебен режим на исхрана, биле само дел од ритуалите пред настанот.
-Секој ден патувам во Штип, каде со бендот се одржуваат пробите. Не оставам ништо на случајноста, секој детал мора да биде добро разработен, сакам концертот да биде доведен до една перфекција, каква што заслужува мојата публика. Со оглед на тоа што имам 63 години, нормално дека ова е еден напорен и исцрпувачки период, но се трудам да го дадам максимумот од себе. Веќе неколку недели сум и на посебен режим на исхрана, внимавам на секој залак, ми треба енергија и свежина. Би ги споредил овие подготовки со оние на маратонците, иако можеби дел од публиката има слика дека нема ништо полесно од пеењето и одржувањето на концерти – раскажува неготинчанецот.
За време на настанот, најавува многу музички гости. Зоран Џорлев, Катерина Танева, Ирена Крстевска – Стефанова, Трифун Костовски и Филип Стефановски се дел од неговите колеги кои ќе настапат заедно со него, пред публиката во МОБ. Сепак, едно место ќе останело празно и вели дека единствено жали што нема да се исполни ветувањето кое му го дал на неговот колега Влатко Илиевски, дека ќе го покани да му биде гостин на концертот.
-На ,,Охрид фест” во 2017 година, се дружев со мојот колега Влатко Илиевски. Тоа беше неговиот последен настап на фестивал, за жал. Уште ми одзвонуваат неговите зборови – Чичко Ѓоко, немој случајно да не си ме викнал на јубилејниот концерт. Многу сакам да ти бидам гостин. -Немај гајле Влатче, прв ќе бидеш известен. Секако дека ќе ни пееш, ќе ми биде чест – му ветив. Кој да знаел дека тоа ќе ни биде последната средба, и дека едно младо момче, полно со живот, ќе не напушти… Дека нема да му се исполни желбата… Тешки приказни, животни судбини… Но, во мислите ќе остане со нас, и за време на концертот, и секој нареден ден – раскажува Ѓорчев.
-За овие, речиси три децении, јас освоив се што можеше да се освои во нашата земја. Седум албуми, концерти, настапи низ светот на големи сцени пред илијадници публика. Имав успони и падови, убави и лоши спомени, животни пресвртници. Сепак, не жалам за ништо, си го остварив мојот сон, и ден денес го живеам животот што го посакував и го замислував уште како младо момче. На јубилејниот концерт пред се гледам како на голема одговорност, а потоа и како на мое големо задоволство, еден вид на заокружување на сите овие години, кога мојот приватен и професионален живот буквално беше распослан пред јавноста. И од оваа временска дистанца, јас не жалам за ништо, знам дека оставив хитови кои ќе траат и кога мене ќе ме нема – вели Ѓорчев.
Додава дека семејството му е голема поддршка и благодарен е што на секој чекор на неговиот пат сите верувале во него.
-Домашните никогаш не ми дозволија да се предадам. Тешко е да се опстојува на нашата естрада со децении, но јас во ниту еден момент не помислив на откажување. Музиката не е професија, туку стил на живот за мене, а аплаузот на публиката најголема награда за мојата посветеност. Се надевам дека аплаузите нема да изостанат за време на концертот, дека песните ќе ги пејам во еден глас со фановите и пријателите. Од тоа поголема награда нема за нас, кои животот го посветивме на уметноста – изјави музичарот.
Вики Клинчарова