Ѓоко Ѓорчев: Годините си одат, ама гласот останува!

by Fokus
Поп пејачот Ѓоко Ѓорчев ја промовираше дуетската песна со оперската певица Кристина Палија, обработка на љубовната тема од култниот филм ,,Кум’’ – „Parla piu piano“. Песната во аранжман на Иле Спасев е објавена на интернет каналот Јутјуб, а македонскиот Том Џонс вели дека е задоволен од реакциите на публиката.
-Со мојата колешка Палија го снимивме ова фантастично дело во еден поп и оперски стил, и за овие четири дена, откако ја објавивме нумерата, добиваме само пофалби. Луѓето најчесто ми коментираат дека се изненадени од бојата на мојот глас, која им одолева на годините и не се менува. Драго ми е да го слушнам тоа, оти годините секако си минуваат, но ете во мојот случај, добриот глас останува. А оние кои што добро ме познаваат, знаат дека јас целиот живот го посветив на песната – раскажува Ѓорчев.

Со Палија тој минатата година го сними дуетот од познатиот мјузикл ,,Фантом во операта’’. Спојот на нивните вокали и тогаш наиде на позитивни критки и пофалби од јавноста. Пред неколку години тој направи пауза од музиката, поради семејната трагедија. За краток период починаа неговиот брат Влатко и неговиот братучед, актерот Бранко Ѓорчев, со кои бил доста близок. Тогаш ни изјави дека едноставно нема сила да го земе повторно микрофонот, и како минува низ еден доста тежок период.


Сепак, пред околу две години, тој сфатил дека животот продолжува и како неговите блиски би сакале тој повторно да и се врати на музиката. По паузата, со засилено темпо се фрли на работа и се почесто ги изненадува фановите со нови материјали.

-По кратката пауза од песната, јас собрав сили и повторно застанав пред микрофонот. Добив некој нов елан, започнав да пејам, така како што само јас знам и умеам, од душа. Настапив на неколку фестивали, добив престижна награда на Охрид Фест, снимив нови песни, започнав со концерти. Наскоро следува промоција на мојот седми студиски албум. Веќе четврт век сум на сцената и не планирам да се предадам уште долго – раскажа Ѓорчев.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости