Единствениот заеднички именител на политиката и политичкото дејствување на политичките партии во Република (Северна) Македонија се парите. И тоа не какви било пари – туку големи пари. За толку многу пари до кои се доаѓа или преку Буџетот или преку криминал и корупција, вреди политички да се организираш и факторизираш.
Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ
Ако се свртиме наназад во времето и провериме што се случувало во Република (Северна) Македонија деновиве пред една година, ќе се види дека тогаш главна вест во сите медиуми беше необично отвореното и остро укажување на тогаш штотуку наименуваната нова амбасадорка на САД во државата, госпоѓата Анџела Агелер, за димензиите и сеприсутноста на криминалот и корупцијата во органите на власта и општеството во целина.
Веднаш по нејзината изјава следеше лавина од (лажни) ветувања на речиси сите државни великодостојници и „лидери“ на политички партии за „големата подготвеност“ и бескомпромисност во борбата против криминалот и корупцијата?!
Сите актери на политичката сцена како да се натпреваруваа меѓу себе кој ќе биде порадикален и поостар во „подготвеноста“ еднаш засекогаш да се стави крај на ова најголемо зло во државата.
Денес, година потоа, редно е да се праша кои се резултатите од оваа последна голема „(не)пријателска офанзива“ на поединците и институциите на системот против организираниот криминал и корупција, чии промотори и актери се токму поединците во институциите на системот!?
ГОЛА ВОДА
Одговорот на ова прашање, не само што е извесен, туку е и крајно поразителен. Благодарение на измените во Кривичниот закон деновиве, едно по едно паѓаат во вода сите обвиненија против носителите на организираниот криминал и корупција од највисок профил!
Застареност! Тоа е волшебното зборче со кое актуелната власт ѝ нанесе тежок и непростувачки удар на правдата.
Стана јасно дека во „оваа држава“, Република (Северна) Македонија, криминалот и корупцијата се државна религија во која подеднакво веруваат и се крстат како сдсмовци, така и вмровци и дуевци, заедно со сите нивни политички сателити.
Најнакрај се виде дека во „оваа држава“, правото и правниот поредок се гола вода, која може да ја мати кој како и колку сака, ама само под еден услов – да е политички организиран и да има политичка моќ.
Но, за волја на вистината, под тој перверзен политички превез не се успева да се скрие грдото лице на правно-политичкиот поредок во државата, кој недвосмислено укажува и покажува дека во Република (Северна) Македонија, најпрофитабилен „бизнис“ се токму високоорганизираниот криминал и корупција во организација и режија токму на политичките партии и нивните „лидери“.
ВО ПРАШАЊЕ СЕ ПАРИ
Никој ништо не им може! Тие се „државата“. Со нивна волја и заслуга се станува пратеник во Собранието на РСМ, министер, судија, обвинител, директор, осуденик…
Тие се јаготката на шлагот врз криминално патриотски-шовинистичкиот сендвич, кој секогаш е во функција кога треба да се бара спас од сѐ пожестоките барања на граѓаните за „конечно“ справување со криминалот и корупцијата. И така секогаш во круг.
Тоа нѐ доведува до единствениот заеднички именител на политиката и политичкото дејствување на политичките партии во Република (Северна) Македонија, а тоа се парите.
И тоа не какви било пари – туку големи пари! (Барем за балкански прилики).
За толку многу пари до кои се доаѓа или преку Буџетот, или преку криминал и корупција, вреди политички да се организираш и факторизираш.
Да станеш чинител од кого зависат донесување на законите, уставните измени, животот на граѓаните, безбедноста на државата и регионот.
А, пред таква моќ, нели, и големите сили замижуваат! До некоја следна можност, кога повторно ќе слушнеме дека борбата против криминалот и корупцијата се прашање на опстанок, живот и смрт. За кого како!?