Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, во рамки на кампањата „Почитувај ги правилата, почитувај го животот“, делеше флаери кои се однесуваат на најчестите сообраќајни прекршоци кои се случуваат во градска средина – не носење безбедносен појас и пречекорување на брзината.
„Не носење безбедносен појас и пречекорување на брзината се прекршоци кои многу често доведуваат до тешки, а понекогаш и трагични последици. Само во првите шест месеци на 2014 година од вкупно 1.716 сообраќајни незгоди со потешки последици на подрачјето на Р. Македонија над 40 отсто како причина за настанување на незгодите е управување на возилото со недозволена и неприлагодена брзина, т.е во 689 сообраќајни незгоди причина е неприлагодената брзина“, се вели во полициското соопштение.
Според статистиката за првите шест месеци од годинава се случиле 1.716 сообраќајните незгоди со потешки последици во кои животот го загубиле 71 лице, а повредени се 1.519 лица. Како резултат на интензивните активности за безбедност на патниот сообраќај, во споредба со 2013 година оваа година се бележи благо намалување на бројот на сообраќајни незгоди, повредени лица и жртви во незгодите, поради тоа започна и интензивна кампања за безбедност на патниот сообраќај од која се очекува дополнително намалување на негативната статистика во сообраќајот.