Основната задача за 2023 е да се врати оптимизмот кај народот, да се врати вербата и волјата, надежта во подобро утре. Со добар и паметен пристап, со добра организација, повеќе ред и функционален систем на владеење на правото, Македонија за многу брзо време може да се постави на вистинскиот колосек
Пишува: Александар НИКОЛОСКИ
Пред нас е новата 2023, година која барем според почетокот не изгледа добро. Година која почнува со силна економска криза и еродиран систем на владеење на правото, масовно раширена корупција и криминал, сеприсутен очај и разочарување.
Нема сектор во општеството што може да се пофали дека оди во добра насока. Ова е сликата дома.
За жал, ништо подобро не е и во Европа, каде што по големата криза предизвикана од пандемијата со корона, Стариот континент е соочен со нова криза поради воената агресија што Русија ја прави над Украина.
Агресија спротивна на сите закони, на меѓународното право и на основното човечко достоинство.
ПОРАЗИТЕЛНИ БРОЈКИ
Покрај надворешните фактори, лошата состојба во Македонија е надополнета и од крајно неспособната и неодговорна влада на СДСМ и ДУИ, како и од криминалот во кој тонат.
Само погледнете ја стапката на инфлација од речиси 20 проценти и споредете ја со стапката на инфлација во еврозоната од 12 проценти и ќе ви стане јасно дека барем половина од кризата во економијата е од домашните фактори.
А тие домашни фактори се бројни – од неспособноста во менаџирањето на ресорите во Владата, преку слабата реализација на капиталните проекти до широко распространетата корупција од најниско до највисоко ниво.
Затоа не се градат автопатишта и железница, затоа нема нови мостови и брани, нема нови болници и факултети.
Едноставно, економијата не се движи и затоа не треба да изненадува податокот, официјално објавен од Државниот завод за статистика, дека само за една година Македонија ја напуштиле 133 илјади лица, а само за три месеци оваа година, Македонија ја напуштиле 10 илјади лица. Поразителни бројки, кои се најдобра слика за состојбите.
Многумина се апатични и мислат дека состојбите се очајни и тие не можат да се поправат. Дека е допрено дното, но не дека од дното се оди нагоре, туку напротив, закотвени се сите долу.
Затоа, основната задача за 2023 е да се врати оптимизмот кај народот, да се врати вербата и волјата. Надежта во подобро утре.
Со добар и паметен пристап, со добра организација, повеќе ред и со функционален систем на владеење на правото, Македонија за многу брзо време може да се постави на вистинскиот колосек, Македонија може и ќе биде добро организирана и функционална држава на среќни и насмеани лица.
ПОУБАВИ ДЕНОВИ
Колку и да е 2023 тешка за Европа и колку и да има неповолни надворешни влијанија, пред сѐ во економијата, со добра поставеност внатре, тоа може да се реши и мора да се реши!
Првиот чекор се брзи предвремени избори за народот да каже каде сака да оди Македонија. Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ по тие избори може да почне да ја вади Македонија од оваа апатија што владее од ова економско уништување и криминал и корупција во кои е потоната.
Со чесен пристап и со искрен однос, како и со отворање на вратите за најспособните и најмотивираните, резултатите ќе дојдат.
За неколку месеци или година не може да се случат чуда, но работите може да почнат да се движат во правилна насока, а тоа да е силен сигнал за сите дека Македонија може и ќе биде успешна приказна, држава на економија што расте, држава со функционален систем на владеење на правото.
Надежта и вербата мора да се вратат! Светлината да се врати во срцата и во домовите на секој човек.
Пред нас се најубавите денови во годината, пред нас се празниците, во кои се собираме со семејството, празници во кои сонуваме за подобро утре и ги правиме плановите за времето пред нас.
Нека бидат убави и благословени. Доаѓаат многу поубави денови. Надежта и светлината да бидат со сите вас.
Ќе се дружиме на страниците на „Фокус“ и следната година. Поубава и посреќна 2023 година за сите вас и за цела Македонија!
(Авторот е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ)