Вучиќ и Брнабиќ реагираат: КФОР ни достави негативна одлука на Бадник

by Фокус

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека КФОР одбил враќање на 1.000 припадници на српските безбедносни сили на Косово.

-Сите го знаевме и го очекувавме тој одговор. Секако, ни одговорија дека нема потреба да се враќа српската војска на Косово. Тие се повикуваат на резолуцијата 1244 каде што ја нагласуваат својата улога, но не се повикаа на делот од Резолуцијата каде што тоа е дозволено. Писмото ни го доставија на Бадник. Позитивен одговор на тој ден би било добро, но непримерно е да се испрати негативен одговор на таков празник – рече тој во живо на ТВ Пинк.

Тој додаде дека КФОР се повикал на позитивната норма, дека има обврска да го зачува редот и законот, а како што оцени, направиле уште една „ненамерна грешка“, велејќи дека внимателно ја следат ситуацијата на северот, а само два часа претходно, на Србите е пукано на југот.

Реагирајќи на одговорот на КФОР во кој се наведува дека нема потреба од враќање на српските безбедносни сили на територијата на Косово, српската премиерка Ана Брнабиќ, пак, рече дека тоа што писмото било доставено на Бадник и по нападот врз српските момчиња многу зборува „за карактерот на одговорот“.

-Ќе бараме дополнителни гаранции за безбедноста на Србите на Косово, бидејќи тоа не се условите во кои некој во Европа треба да живее во 21 век. Би сакала српскиот народ во Косово да ја ужива сета заштита и, пред се, српските семејства да се чувствуваат безбедно, да живеат, да учат и да работат безбедно. Но, за жал, тоа не е така и денешниот протест на српскиот народ на Косово го покажува тоа – изјави Брнабиќ на РТС.

Таа додава дека државата ќе продолжи да инсистира на почитување на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и сите договори, пред се Бриселскиот договор.

-Реалноста не е само дека Србите не се чувствуваат безбедни, туку дека не се безбедни. Тројца млади момчиња биле нападнати на Бадник, но ова е само последниот во низата инциденти. А такви беа повеќе од 300 во последните две години за кои никој не одговараше – вели Брнабиќ.

Поврзани новости