Со симболично поставување на камен темелник за новата градинка „8ми Април“, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ја почна изградбата на новиот објект во вредност од 700.000 долари, обезбедени од Владата на Кралството Новешка.
– Презадоволни сме што имавме можност да се вклучиме и да помогнеме во овој многу важен проект за заедницата каде што децата се соочуваат со реален ризик да бидат изоставени во образовните достигнувања и животните можности уште од најмала возраст, истакна Амбасадорот на Кралството Норвешка, Арне Санс Бјорнштанд.
Луиза Винтон, постојана претставничка на УНДП посочи дека тие ја трансформираат катастрофата во можност, со тоа што го прошируваат капацитетот за згрижување на деца.
– Со енергетско – ефикасните елементи ги намалуваме оперативните трошоци, но и овозможуваме услови за престој на деца со попречености кои сега ќе имаат шанса да поминуваат повеќе време со своите врсници. Наша цел е исполнување на начелото „повторно да се изгради подобро“, објасни Винтон.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска изјави дека секое дете е важно и овозможување на услови за подобар раст и развој на сите деца е врвен приоритет на Владата.
– Нашата цел е континуирано да ги зголемуваме просторните капацитети на детските градинки во земјава, но и да го подобриме квалитетот на програмите и да вклучиме што поголем број деца кои досега немаа можност да посетуваат градинка. Досега се отворени 11 нови објекти,а до крајот на 2018 година е предвидено отворање на дополнителни 8. Работиме и на јакнење на кадровските капацитети, односно од 1.01. 2018 година Министерството обезбеди финансиска согласност за вработување на 789 лица на неопределно време и и 50 вработување на определно време во градинките, истакна Царовска.
Проектот го реализира УНДП во партнерство со Министерството за труд и социјална политика и Општина Шуто Оризари, а планирано е е изградбата да биде финализирана до март, 2019 година.