-Вчудоневидени сме од изјавите на актуелниот претседател на Република Македонија Ѓорѓе Иванов за време на неговото гостување во дебатната емисија Топ тема на ТВ Телма. На прашањето на новинарот зошто не гласал на референдумот за зачувување на автентичноста на ГТЦ претседателот меѓу другото посочи дека иницијативата „Го сакам ГТЦ“ го сметала за обичен граѓанин, а на ист начин и сме се обраќале кон него, иако тој е претседател на Република Македонија- стои во писмото на граѓанската иницијатива. Во продолжение тие му пишуваат:
Почитуван претседателе,
Најнапред најискрено Ве молиме да се обидете во вашите архиви или фиоки да го најдете нашето писмо од 09 април 2015 година, кое е назначено до : Претседателот на Република Македонија Проф. Д-р Ѓорѓе Иванов, со назнака Предмет: Барање за средба, во кое како иницијатива се обративме до вас како претседател на Република Македонија со желба да ве запознаеме со иницијативата „Го сакам ГТЦ“ како и со идејата за оддржување на првиот локален граѓански референдум во Македонија и со вас да ги споделиме нашите ставови, идеи и пристапи кон директното партиципирање на демократијата во Република Македонија.
Почитуван претседателе, на ова писмо никогаш не добивме одговор, а ниту тогаш ниту сега не сакавме да веруваме дека писмата на граѓанските иницијативи до претседателот на државата не заслужуваат одговор. Доколку не се сеќавате на ова писмо побарајте го во архивите бидејќи лично го доставивме во писарницата во Вашата вила на Водно на ден 09.04.2015 година.
Во ова наше писмо до вас и македонската јавност мораме да констатираме дека сме згрозени од леснотијата со која од позиција на највисоката државна функција не сатанизирате како иницијатива и се обидувате да ја манипулирате виситината пред целата македонска јавност, со што не не навредувате само нас како иницијатива туку навредувате и скоро 18 000 граѓани на општина Центар кои јавно излегоа и го дадоа својот глас на референдумот. Истовремено со речник непримерен за претседател на држава споменувате некакви минати референдуми, реваншизми и нерасчистени сметки со имагинарни непријатели од пред 10 и повеќе години, што е период кога најголем дел од членовите на иницијативата ГТЦ воопшто немале право на глас.
Драг претседателе, искрено не сакаме да веруваме дека до вас не стигнало писмото или пак дека сте заборавиле дека воопшто сте го добиле бидејќи тоа би било срамно и поразително дири и за претседател од вашиот калибар. Истовремено сметаме дека со вашата манипулација со вистината и целосно неоснован напад врз иницијативата Го сакам ГТЦ целосно го нарушувате и урнисувате угледот на институцијата Претседател на Република Македонија. Сметаме дека во моментот кога угледот на сите институции во Македонија е сериозно разнишан во очите на домашната и меѓународната јавност, крајно е загрижувачки токму Вие со паушални, произволни и партиски мотивирани изјави да го загрозувате и доведувате под сомнение угледот на институцијата претседател на РМ.
Во прилог повторно ви го испраќаме писмото кое ви го доставивме на 9 ти април 2015т и очекуваме јавно извинување.