Пропуштањето да се признае македонската држава како независна држава, пак, некои може да го толкуваат како покана за мешање во внатрешните работи, кои се само македонски, создавајќи затегнатост и тврдења од кои Македонија веќе подолго време е ослободена, но честопати ги искусила низ својата историја.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
(Белешки од годините на независноста)
Со претседателот Глигоров се договоривме во следните недели да упатиме писмо до шефовите на државите и на владите на земјите во светот со барање да ја признаат нашата независност. Бевме во очекување на нацртот што требаше да ни го испрати консултантска група што ја беше ангажирал канадскиот бизнисмен по потекло од Македонија, Џон Битов, со парите од нашите иселеници.
Содржината на повремените телефонски разговори на лоби групата од Канада со претседателот Глигоров, на кои редовно учествував и јас, не ме задоволуваше. Имав впечаток дека тие повеќе ни поставуваат прашања отколку што ни даваат одговори.
Сепак, си мислев, дека во тие опасни и глуви времиња и можноста да имаш отворена линија со некого на Запад беше подобра од ништо. Не дека тие ќе можеа да сторат нешто бргу за нас и за земјата, но, сепак, беа некакво предупредување, си мислев, за сите известителни центри на Балканот и во светот, особено кај соседите, што толку лесно ги следеа нашите незаштитени телефонски разговори.
На нацртот што конечно стаса му направив ревизија и писмото од претседателот беше испратено на 2 декември 1991 година. Како што е вообичаено, и јас упатив писмо со истата содржина до министрите за надворешни работи.
ПИСМОТО
Еве ја содржината на писмото.
„Екселенцијо,
Ви ја доставувам на Вашата екселенција нашата волја Република Македонија да биде признаена за независна држава.
Дозволете ми да ви кажам дека е ова прашање, кое бара од Вас итно внимание и соработка заради изнаоѓање решение за конфликтот, кој му нанесе штета на нашиот регион и кој се заканува да се прошири на другите делови на Балканот.
Дезинтеграција на стопанскиот и на политичкиот систем на Југославија создаде вакуум на власта, кој се исполни со етничка војна проследена со криза и слом на авторитетот на државата, со закани од економска пропаст.
Македонија, која секогаш се залагаше за начелото на мирољубиво самоопределување, одбива да земе учество во војната. Сметаме дека употребата на воена сила во една сложена повеќенационална заедница, чии проблеми може успешно да се решат само преку политички дијалог, води кон експлозии на незадоволство и уништување.
Одбивајќи да бидеме заложници на една состојба што е вон нашата контрола, а почива врз принципи што се спротивни од оние за кои се залагаме, ја земаме нашата судбина во сопствени раце, движејќи се кон нашата цел – целосен суверенитет.
Македонија го декларира своето право на самостојност на 25 јануари 1991 година, додека референдумот на 8 септември, со големо мнозинство, ја одобри целта за независност, со можност да се стапи во сојуз на суверени држави.
Собранието на Република Македонија го прогласи нашиот суверенитет на 17 септември, додека процесот на национална еманципација беше окончан со новиот Устав, кој ја прогласи Македонија за самостојна држава на 17 ноември 1991 година.
Фактички, Македонија е самостојна во смисла што таа сама си ги води своите работи и се грижи за безбедноста и доброто на својот народ. Меѓутоа, самостојноста на нашата држава не може да биде целосна и безбедна без таа да биде признаена од други држави, како што е таа што вие ја претставувате.
ТЕРИТОРИЈАТА Е ЈАСНО ОДРЕДЕНА
Ние, државата Македонија ја гледаме како фактор на стабилноста на Балканот и во Европа. Подготвени сме да покажеме дека демократијата е можна преку мирно живеење со припадниците на другите националности во Македонија.
Ние, исто така, сме подготвени на конструктивна соработка со нашите соседи и со земјите од светот.
Официјалното признавање ќе ѝ овозможи на македонската држава да одржува односи со други земји врз искрени и стабилни основи. Тоа, исто така, ќе биде порака до тие помалку мирољубивите дека територијата на признаената македонска држава не е слободна за земање. Тоа ќе биде јасен сигнал што ќе ги обесхрабри обидите да се менуваат границите по пат на сила.
Жално е што една ваква порака е потребна во регионот во кој живееме, меѓутоа пред тој факт не треба да ги затвораме очите.
Затоа повикуваме на официјално признавање на независноста на Македонија и нејзиното постоење како држава што ја сочинува територијата и народот што досега беше позната како Република Македонија.
Македонија ги исполнува сите правни услови за признавање на нејзината државност.
Нејзината територија е јасно одредена со Грција на југ, Бугарија на исток, Албанија на запад и Србија на север. Ние, исто така, во Декларацијата на парламентот изјавивме дека постоечките граници на Македонија нема да се пречекорат и секое дејствување во таа насока нема да се толерира.
Нашето население е трајно и стабилно, мнозинството е етнички македонско и го зборува македонскиот јазик, еден од трите официјални јазици на Југославија.
Другите националности што го сочинуваат нејзиното население уживаат еднакви права и целосно учествуваат во политичкиот живот и во стопанството на Македонија.
Сегашната влада на Македонија, избрана на демократски повеќепартиски избори, е продолжение на долга низа влади што имаа ефективна власт во Македонија, иако до неодамна во федерално уредување со другите југословенски држави (Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора).
ГЛИГОРОВ БЕШЕ ЗАГРИЖЕН
Македонија е способна да влегува во односи со други држави и веќе го чини тоа преку контакти со бројни влади во светот, секогаш инсистирајќи дека односите меѓу државите треба да бидат во духот на пријателството и соработката.
Според тоа, нашето барање за признавање како самостојна држава се темели врз едноставната правдина – да ја држиме нашата судбина во нашите раце и врз желбата на нашиот народ да му се придружи на семејството на нации во еден конструктивен напор кон мир, стабилност и просперитет.
Пропуштањето да се признае македонската држава како независна држава, пак, некои може да го толкуваат како покана за мешање во внатрешните работи, кои се само македонски, создавајќи затегнатост и тврдења, од кои Македонија веќе подолго време е ослободена, но честопати ги искусила низ својата историја.
Ве молам, Ваша екселенцијо, предупредете ме за секакви пречки за кои гледате дека стојат на патот на признавањето на Македонија, зашто јас ќе ги сметам како пречка за мирот кон кој тежнеат сите граѓани на Македонија. Ако, пак, ги нема, Ве молам известете ме како Македонија може да ви помогне да направиме чекор понатаму од признавањето, кон трајна соработка и безбедност.
Во име на Република Македонија, ви испраќам искрени желби за пријателство“.
Писмото беше пишувано на англиски, па со преводот на македонски пред себе, седнавме со претседателот да се запознае со неговата содржина. Се сеќавам дека на моето образложение зошто мора да стои делот за трајноста на сегашните граници промрморе со коментарот:
„Што ли ќе рече мојата генерација?“. Разбрав што сака да каже. Имено, Киро Глигоров беше активен учесник и еден од авторите на асномските документи во кои Република Македонија се прогласи за Пијемонт околу кој ќе се обединат останатите делови на географска Македонија, егејскиот и пиринскиот дел.
Но, Глигоров беше „светски човек“ и знаеше дека мораме да се прилагоди на промените во Европа и во светот. За среќа, неговиот страв се покажа неоснован. Не се сеќавам дека макар еден човек од неговата генерација јавно го оспори овој дел од писмото.
Партизанската генерација беше свесна дека мора да се усогласи со новите времиња. Да се откаже од идеалите од воените времиња на својата младост за да ја сочуваме и унапредиме оваа Македонија што ја создадоа.