Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска изјави дека на средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг ја изразил својата загриженост за руската инвазија на Украина и дека го охрабрил да разговара со Киев. Тој рече дека му рекол на Си дека Шпанија ја поддржува мировната формула на украинскиот претседател Зеленски што ја предложи во ноември, која вклучува барање украинската територија да се врати во состојбата во која беше пред руската анексија на Крим во 2014 година.
„Ја пренесов нашата загриженост за нелегалната инвазија на Украина“, рече Санчез, додавајќи дека „го охрабрил претседателот Си да разговара со претседателот Зеленски“ за да добие информации од прва рака за мировниот план на Киев.
„Верувам дека тоа е план што ги поставува темелите за траен мир во Украина и е совршено усогласен со Повелбата на Обединетите нации и нејзините принципи, кои рускиот претседател Путин ги прекрши со својата инвазија“, рече тој.
Санчез одби да каже што му рекол Си на ова.
Минатиот месец Пекинг претстави мировен план од 12 точки и повика на сеопфатен прекин на огнот во конфликтот.
Шпанија, членка на НАТО, чија надворешна политика е тесно поврзана со САД, е сигурен сојузник на Украина, а во втората половина на оваа година ќе биде претседавач со ЕУ.