Го гледале Иле во Струмица, во работничка облека, помогнете да го најдеме, апелира мајката

by Fokus

Веќе седми месец живеам во агонија и исчекување на глас за мојот син Иле, кој на втори април излезе од дома и не се врати. Чекам одговори од надлежните, постојано апелирам на социјалните мрежи, нема никакви одговори, па се прашувам дали воопшто некој го гледа ова што го пишувам, некој од високите функционери, било кој во земјава кој може да помогне- за ,,Фокус” раскажува Снежана Лазаревиќ од Демир Капија, чиј син Илија (31) се води како исчезнато лице.

За Илија пишувавме во повеќе наврати. Како што појаснува мајката, телефонот на Иле бил последно лоциран во областа кај старите тунели во Демир Капија, и бил достапен до трети април, 20 часот и 30 минути.

-Во десетици групи на социјалните мрежи, посветени на луѓе од Балканот кои живеат во Германија, Франција и други земји, секаде ја објавив фотографијата на син ми. Ги молев сите нашинци во странство, доколку го видат, веднаш да ми јават. Во септември забележав коментар од младо момче, кое тврдеше дека го сретнал. Веднаш стапив во контакт со него и ми кажа дека го гледал Иле во Струмица, во работничка облека, пред неколку месеци. Рече дека го знаел од порано, ми посочи дека го сретнувал секое утро како во Струмица оди некаде на работа, секое утро излегувал од некоја улица кај музичкото училиште. Му побарав број од мобилниот телефон на момчето, за да ми раскаже поубаво што знае, но тој ме блокираше. Сите пораки од момчето ги пријавив во полиција, со цел да се најде син ми – вели Снежана.

Додава дека во Струмица има две внуки, кои се распрашувале насекаде и го барале Иле. Исто и полицијата во Струмица истражувала.

-Апелирам до сите струмичани, ако знаат нешто, да ми јават или да пријават во полиција. Има повеќе градежни фирми таму, Иле беше добар работник, треба да се провери во сите фирми, некој нешто да не знае, дали навистина бил или се уште е таму. Внуките од Струмица, и самите се изненадени, сигурни се дека доколку Иле е во нивниот град, ќе им се јави, ќе отиде да ги види, многу се почитуваат. Според информациите кои ги имаме, не ја поминал границата, значи во земјава е. Не знаеме веќе што да мислиме, ова трае со месеци, на секој можен траг се надеваме – раскажува мајката.

Појаснува дека од инспекторот задолжен за случајот нема добиено никакви нови информации долг период.

-На инспекторот кој работи на случајот, последно му пишав на први октомври. Прашував до каде е дојдена истрагата, има ли нешто ново. Уште ми нема одговорено на пораката. Пред тоа се налути бидејќи сум го барала во 20 часот навечер, касно било, затоа последниот пат кога го барав, на први октомври, пораката му ја пратив во 8.30 наутро. Стрпливо чекам одговор – изјави Лазаревиќ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости