„Го дадоа својот живот за татковината, заслужуваат достоинствен споменик“, рече Петровска на одбележување на годишнината од загинувањето на бранителите кај Карпалак

by Fokus

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски ја предводеа делегацијата од Министерството за одбрана и Армијата која на Карпалак положи венец во спомен на бранителите.

Со поклон пред заштитната ограда на автопатот кај Карпалак  беа одбележани 22 години од загинувањето на прилепските армиски резервисти во 2001 година: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.

„22 години поминаа, но со голема тежина во срцето, од трагичниот настан на Карпалак каде животот го загубија десетте херои на безбедносните сили. Тие несебично се одзваа на повикот на татковината и тоа никогаш нема да биде заборавено. Длабока почит и сочувство до нивните семејства. Вашите синови ќе ги паметиме вечно како херои кои за татковината го дадоа најскапоценото“, рече Петровска.

Министерката  истакна дека овие бранители заслужуваат достоинствен споменик.

„Го дадоа својот живот за нашата татковина, лично, како министерка за одбрана сметам дека заслужуваат достојно спомен обележје – споменик кој што можеби нема сигурно да ги вратиме назад, но навистина ќе имаме место на кое ќе дадеме достоинствено почит“, порача Петровска.

Таа додаде дека денеска ќе испрати повторно барање до општина Желино за да биде дозволено овде да се изгради споменик.

„До Општина Желино ќе испратам барање да биде дозволено тука да се изгради споменик и Министерството за одбрана е подготвено тоа да го реализира“, изјави  Петровска.

Фото: МИА

 

Поврзани новости