Во најголемата болка која ја живеам, најдов брат кој ја живее мојата болка. Го барам моето синче, а најдов брат – вели Маја Трпчевска, мајка на Пино Секундо (26) кој исчезна уште во декември минатата година и од кого нема никаква трага речиси три месеци.
Човекот кого таа го нарекува свој брат по болка е Бекир Аслан, татко на Арбен, кој исто така е исчезнат повеќе од еден месец. Бекир дојде на протестот организиран од Трпчевска пред три дена пред Собранието во Скопје, со цел да и ја даде својата поддршка и да и порача дека не е сама.
Пред медиумите тој изјави дека син му бил семеен човек, татко на две малолетни деца. Последно бил забележан како влегува во автомобил на 23-ти јануари, и од тогаш му се губела секаква трага. На протестот мајката на Пино го искажа своето незадоволство од институциите и бараше одговори од надлежните. На втори март таа повторно најави протест пред Собранието, со почеток од 13.30 часот.
-Мили луѓе, од која и да сте вера, дојдете во сабота на втори март да ни дадете поддршка. Болката што ме поврзува со овој мил човек е истата болка што може сите да не поврзе. Ние како родители имаме само едно прашање – Каде се нашите деца? – порача Маја.
На минатиот протест таа го повика министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и побара тој пред јавноста да и ги даде сите одговори на прашањата кои ја мачат. Спасовски не се појави пред Собранието за време на протестот, но во изјава за медиуми кажа дека се трага по исчезнатите лица.
Вики Клинчарова