За да станеш дел од таа глутница, лагата треба да ја прифатиш како вистина, лоповлукот како способност, злосторството како херојство, расипаноста за доблест и во тоа вистински да веруваш. Колку нивните вистински способности се помали, толку се поголеми нивните способности за креирање лаги и бесмислици, конструирање спинови и невистини
Пишува Ѕвонко Давидовиќ
Дел од човечката природа е да се здружува со други луѓе, и тоа го правеле од најраното доба на појавата на човештвото. Тогаш се здружувале заради сигурноста, безбедноста, поголеми шанси за успешен лов, а и денес причините за здружувањата не се многу поразлични по својата цел и интересот.
Заедниците на луѓе формирани и создадени по различни основи и причини, формални или неформални, секогаш подразбирале однесување по определени правила, норми и обичаи за да се создаде определена кохезија и да се овозможи непречено функционирање, а со тоа и опстанок на заедницата.
Со текот на времето, условен од многу фактори кои модерното време ги диктираше и ги наметна, тој внатрешен однос на луѓето во заедниците, тоа однесување, драматично, ако не и коренито, се измени и во еден голем дел стана лажно, па дури и гротескно.
Полтронството, немањето свое мислење, немањето морални и воопшто човечки вредности, размислувањата од типот целта ги оправдува средствата, неказнивоста и селективноста, комбинирани со тешката економска и социјална состојба во општеството, борбата за гола егзистенција, енормното збогатување на поединци и осиромашувањето на поголемиот дел од населението, како и снемувањето на средната класа во општеството доведоа до тоа ваквото однесување и ваквите односи во заедницата да станат правило.
Таквата извитопереност и лажност на односите, која луѓето се прават дека не ја гледаат, со текот на времето навистина престанаа да ја гледаат и почнуваа да веруваат во таквите искривени и лажни релации, убедени дека сопствените и туѓите исконструирани лаги се вистина. Сево ова наликува на театарска претстава, во која глумците се соживеале со улогите толку многу, што се индентификувале со ликовите од претставата.
Ваквата поставеност на односите и нивната содржина и суштина внатре во заедницата создава повеќеслојни личности, кои се присилени на адаптација на ваквите извитоперени и болни односи и релации. Се работи за заедница, која повеќе наликува на глутница отколку на група луѓе.
Општествата денес пропагираат и потенцираат колективитет, послушност и вклопеност, а демократијата почнува да се сфаќа како владеење на мнозинството просечни и потпросечни над малцинството способни и посебни. Просечноста и потпросечноста ја упатува единката да се потпира на други, а не на себе, па тие, за разлика од посебните и способните, побргу, подобро и пофункционално се здружуваат бидејќи во нивната природа е колективната свест. За да ја прикријат својата неспособност и вистинскиот мотив за здружување, тие осмислиле цела низа услови, кои мораш да ги исполниш и особини кои мораш да ги имаш за да се вклопиш во тој и таков колективитет.
За да станеш дел од таа глутница, лагата треба да ја прифатиш како вистина, лоповлукот како способност, злосторството како херојство, расипаноста за доблест и во тоа вистински да веруваш. Колку нивните вистински способности се помали, толку се поголеми нивните способности за креирање лаги и бесмислици, конструирање спинови и невистини. Неспособноста нешто конкретно да направат и сработат ја покриваат со вештината на смислување „шарени лаги“, оправдувања, спинувања и повикувања на уште понеспособни и некадарни да се соберат и да станат дел од глутницата, која ќе ги заштити.
ТАКВИТЕ ЛИКОВИ ЌЕ ГИ ПРЕПОЗНАЕТЕ ВО ПАРТИИТЕ
Таквите ликови ќе ги препознаете во политичките партии, како оние кои сите свои лаги ги преточиле во вистини, дипломите ги добиле низ партиската припадност, како врв на успешност ги прикажуваат своите малверзации околу тендерите и нелегалните украдени милиони, а украдените или платените изборни резултати како желба на боговите и предодреденоста да владеат со просечната маса.
Во таа глутница, тој чопор на просечни и потпросечни, кој френетично скандира и аплаудира на секој збор на предводникот, нема место за способни и кадарни. Дури и да сака да им се придружи, дури и да ги прифати нивните правила на игра, за нив нема место во чопорот бидејќи инстинктот на чопорот е да го скрати за глава секој што штрчи за да ги заплаши и да ги држи подалеку од себе сите несакани и различни.
Токму така неспособните стануваат способни, а способните неспособни, изолирани, маргинализирани и отфрлени. Така лагата станува вистина, неморалот станува етичен, пропаста и неуспехот стануваат просперитет и визија, а поразот станува победа. Трачевите и манипулациите стануваат најсилни оружја со кои ги уништуваат другите, а себеси си создаваат иднина. Искреноста се прогласува за дрскост, отвореноста за недостиг од култура, посочувањето лага се смета за немање такт. Основно правило и мантра во овој систем на безвредности стануваат „сведната глава сабја не ја сече“, „не бранувај и не исправај криви Дрини“, „шефот е секогаш во право“.
Од постанокот на светот и човештвото, историјата ја испишувале и, за среќа, сè уште ја испишуваат способни поединци, со својот различен светоглед и посебноста го овозможуваат развојот и напредокот на човештвото. Со својот слободен ум трагаат по одговорите, не занесувајќи се дека го имаат сето знаење на светот и одговорите на сите прашања, способни и отворени да примат и усвојат и нови знаења. Со своето однесување и своите ставови повикуваат да се чекори напред, сфаќајќи дека секогаш може и треба да стреми човештвото кон подобро.
За разлика од нив, глутницата нема капацитет за усвојување нови знаења, не се овозможува и почитува различното мислење, туку се врши унифицирање на мисловниот процес, каде што сите треба да мислат исто, а таму каде што сите мислат исто, обично никој не мисли. Вкопани во место, вљубени во себе и во својот водач, секое поместување и движење вон определената шема го сметаат за ерес и предавство.
Глутницата повикува на статус кво, а нивното гесло, што и сами можевме да го чуеме пред некој ден, е „исто како и до сега“.
Секој од нас го прави својот избор и ја креира својата иднина и иднината на своите блиски, па од секого зависи дали ќе стане дел од глутницата или ќе мисли со своја глава. Оние кои ја избрале глутницата, треба да знаат дека на крај, кога ќе дојде време за полагање сметки, глутницата се јаде сама меѓу себе.