Се живее по навика. Во исчекување на работите да се средат сами од себе. Тие што немаат трпение да живеат во оваа смрдеа, секојдневно си одат. Надеж!? Е, да сме на јасно! Надеж нема! Политичките партии и нивните „лидери“, и по овие избори, ќе продолжат немилосрдно да ги глодаат граѓаните и државата.
Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ
Деновиве нема човек со кој ќе почнеш разговор на тема политика, а да не каже дека му е смачено од овој или од оној „лидер“ на политичката партија, кој, уште сега, на широко и на долго ветува дека ќе ја „оправи“ државата или барем она што остана од неа.
Не е јасно како истите политички партии и истите (повеќе или помалку мутирани) „лидери“ ќе излезат надвор од своите идеолошки, политички и криминогени матрици, па со своите веќе видени идеи и „политики“, наеднаш, откако ќе победат на изборите, државата од калпава ќе ја направат просперитетна.
Секому му е јасно дека токму тие се оние кои со своите погрешни политики, корумпираност и алчност за власт и пари ја доведоа „оваа држава“ во фаза на распаѓање и нефункционалност.
Не е логично и природно тие што се изворот и генераторот на распаѓањето и нефункционалноста на државата и општеството, сега, наеднаш, да станат нејзини спасители и возобновувачи.
Затоа и вистинското прашање не е дали тие ќе ја спасат државата од натамошно пропаѓање, туку кој ќе ги спаси граѓаните на „оваа држава“ од нив?!
ЛАГИ, ЛАГИ И САМО ЛАГИ
Ако се свртиме наназад и направиме анализа на сето она што истите политички партии го ветиле во изборните, неколку циклуси наназад, ќе се види дека ветувањата се големи како планина, а нивната реализација е мала како зрнце песок.
Реалноста е токму спротивна од ветувањата! За жал, тоа го знаат и самите „лидери“ затоа што нивните намери не е да ги реализираат предизборните програми и ветувања, туку, со помош на нив, да ја освојат власта и на тој начин да се стекнат со можноста да располагаат со парите од буџетот на државата.
А станува збор за многу пари. Ако се валоризира вредноста на актуелниот буџет на државата, тоа значи дека станува збор за над сто милијарди евра од осамостојувањето, па до денес.
Математички, тоа значи дека секој граѓанин на Република (Северна) Македонија во ова време платил над педесет илјади евра за функционирање на државата.
Прашање е што од државата и „институциите на системот“ добил за тие пари!?
Одговорот е многу јасен и видлив. Бројот на граѓаните што живеат во „оваа држава“, од ден на ден, станува сѐ помал.
УКРАДЕНА ИДНИНА
„Државата“, односно тие што раководат со неа, од ден на ден стануваат сѐ покорумпирани и поалчни.
Економијата, образованието и здравството речиси и да не постојат. Незадоволството и бесперспективноста се главната социо-психолошка состојба на граѓаните.
Се живее по навика. Во исчекување на работите да се средат сами од себе. Тие што немаат трпение да живеат во оваа смрдеа, секојдневно си одат.
Надеж!? Е, да сме на јасно! Надеж нема! Политичките партии и нивните „лидери“, и по овие избори, ќе продолжат немилосрдно да ги глодаат граѓаните и државата (или барем она што остана од неа).
Единствената утеха е да не се грижиме за својата иднина и за иднината на државата. Таа не постои и уште долго време нема да постои.
Затоа граѓаните ќе треба длабоко да размислат дали воопшто ќе излезат на изборите и за кого ќе гласаат.
Изборот им е сведен на магарето и змијата! Но, нели, секој народ има таква власт каква што заслужува!