Главниот осомничен за нападот со киселина во Лондон се уште е во бегство

by Fokus

Абдул Езеди, главниот осомничен за нападот во средата со киселина во југозападен Лондон, во кој беа повредени 12 лица, останува на слобода, соопшти полицијата.

Полицијата во четвртокот објави нова фотографија од Езеди, нарекувајќи го „опасен“.

Полицијата соопшти дека Езеди (35) имал повреди на десната страна на лицето и ги предупреди луѓето да не му приоѓаат доколку го видат, објави Гардијан.

Осомничениот последен пат бил виден во средата навечер во северен Лондон, соопшти полицијата, додавајќи дека верува дека ги познава членовите на семејството што го нападнал.

Во нападот во Клапам во средата, мајка (31) и нејзината тригодишна ќерка се здобиле со повреди кои може да имаат трајни последици по нивното здравје, соопшти полицијата. Полесно е повредена осумгодишна ќерка, како и уште девет лица. Повредени се пет полицајци додека реагирале, како и четворица граѓани кои се обиделе да помогнат.

Осомничениот се обидел да побегне од местото на настанот со автомобил, но удрил во паркирано возило, а потоа побегнал пеш.

Би-Би-Си објави дека Езеди пристигнал во Британија со камион, во 2016 година, од Авганистан.

Неговото барање за азил било одбиено двапати, но било одобрено по третпат кога тој тврдел дека го прифатил христијанството и дека неговото враќање во Авганистан ќе биде ризично.

Поврзани новости