Ноќеска, 45 минути по полноќ, во битолската полиција, претставник на ДИК пријавил кривично дело „уцена“.
Претставникот на ДИК, како што соопшти МВР, вчера попладне со уште две други лица патувал кон Битола заради надзор за печатење избирачки материјал, кога на неговиот службен мобилен телефон му се јавило лице кое му се претставило дека е од дневен весник.
Лицето го прашало зошто ја одбил понудата за печатење на кандидатските листи за пратеници за претстојните парламентарни избори во весникот. На тоа претставникот на ДИК одговорил дека имал подобра понуда од друг дневен весник.
При разговорот тој забележал дека разговара на интерфон, при што во разговорот се вклучило уште едно лице кое се претставило како главен и одговорен уредник на дневниот весник.
„Тој му рекол дека не смеел да биде против објавувањето на кандидатските листи, а воедно му се заканил со компромитирање на личноста, со објавување лаги и невистини во весникот, доколку не се објават листите во нивниот весник“, наведува МВР.
Лицето кое се претставило како главен и одговорен уредник на весникот му упатувало и разни погрдни и навредливи зборови и доколку не му биле вратени 20.000 евра ќе бил даден на суд
Полицијата работи на расчистување на случајот.