Тодоров да не ги намалува парите за болните од ХИВ, ќе се спречат 860 нови инфекции и 290 нови смртни случаи

by Fokus 14:29
14:29

Министерството за здравство пред неколку месеци ги скрати парите од буџетот наменети за лекување и превенција на оваа инфекција и по повод Светскиот ден на сида, невладините организации денеска организираа протест пред ресорното министерство, пренесува „Плусинфо“. Тие со едноминутен молк и цвеќиња врзани со црни панделки го почнаа протестот посветен на борбата со ХИВ.

– Ова е последниот 1 Декември во кој што земјава добива меѓународна поддршка за да ги спроведува интервенциите од Националната програма за ХИВ. Поддршката од Глобалниот фонд завршува најдоцна до јули 2017 година, а благодарение на оваа поддршка Македонија успеа да ја одржи контролата на ХИВ помеѓу групите од особен ризик за ХИВ. Наместо за следната година да се планира зголемување на домашното финансирање за да се надополнат финансии што досега ги добивавме со меѓународна поддршка, спротивно на сите заложби буџетот за 2017 година беше скратен за 59 отсто, од потребните 65 милиони на 27 милиони – велат од ХЕРА.

- Advertisements -

Од невладините предупредуваат дека со скратениот буџет Македонија се оддалечува од глобалните заложби за стопирање на епидемијата.

– Ќе се затворат сите теренски и стационарни сервиси за ХИВ за групите со најголем ризик, кои функционираат во повеќе од 14 градови. Со кратење на буџетот најмалку 15.000 припадници на ранливи категории граѓани ќе останат без пристап до основните животно загрозувачки услуги за превенција и за рано откривање на ХИВ. Земјава ќе се соочи со пораст на нови случаи на ХИВ, бидејќи направеното истражување покажа дека доколку се одржи досегашното ниво на финансирање ќе се спречат 860 нови инфекции, а ќе се избегнат и 290 смртни случаи поврзани со ХИВ до 2030 година – тврдат од ХЕРА.

Фото: Плусинфо

 

Поврзани новости