Оваа земја е на крстопат – мора да избере дали ќе се движи напред, одлучно да се справува со корупцијата или ќе дозволи шемите на корупција да се вкоренуваат уште повеќе, рече денеска евроамбасадорот Дејвид Гир на прес-конференција пред состанокот со институциите кои имаат надлежност за справување со корупцијата, на кој ќе се разгледаат забелешките од Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија подготвен од Европската комисија.
Според Гир, прво и најважно е да се бориме со корупцијата преку државните институции. Тие, како што вели, мора да дејствуваат и да го намалат просторот за корупција.
– Тоа значи преку закони и кодекси на однесување, тоа значи стимулации за промоција на услугите и сериозни санкции за коруптивното однесување. Тоа значи спроведување. Тоа значи, кога некој незаконски ќе заземе некое земјиште и ќе гради обвинителството мора да дејствува, а судовите да реагираат брзо без разлика кој е тој човек и колку и да е влијателен, колку и да е поврзан, нагласи Гир.