Гир: Преговорите ќе почнат кога ќе има договор, но нема причина да не се продолжи со реформите

by fokus

Патот на којшто сега се наоѓате е двонасочен – првиот е билатерално да продолжи ангажираноста со Бугарија, нешто што и сега Владата го прави, со цел да се постигне заемно прифатливо решение и второ – да се продолжи со напредокот во реформите, изјави денеска евроамбасадорот Дејвид Гир на онлајн конференцијата „Улогата на медиумите и граѓанските организации во процесот на интеграции“.

Гир повтори дека минатата година во март беше донесена историска одлука од сите 27 земји членки на ЕУ за започнување на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија и оти ја разбира нетрпеливоста во однос на дискусиите за преговарачката рамка, бидејќи, како што рече, луѓето сакаат да се движиме напред, сакаат да видат што е можно поскоро отворање на преговорите.

– Точно е дека преговорите ќе почнат тогаш кога ќе има договор, меѓутоа, нема причина во меѓувреме да се чека да не се спроведуваат реформите, бидејќи тоа само ќе го забрза патот понатаму и тоа е во интерес на сите граѓани. Колку повеќе напредуваме во реформите, толку поблиску ќе биде државата кон Европската Унија, подвлече евроамбасадорот.

Тој порача дека преговарачкиот процес е сепопфатен, што влијае врз секој аспект од животот, оти ќе има подеми и падови, но бенефитите од пристапувањето ќе бидат многу појасни и поконкретни во текот на самиот процес на пристапување.

– Треба да бидеме подготвени за сеопфатен процес и ангажираност во негови рамки. Се работи за комплексен процес што бара развој и мобилизација на значителна експертиза за тие цели и потребна е ангажираност на целокупното општество. Не можете само да се сетите – ајде сега Владата да испорача, тоа не е можно, секако дека Владата е потребна во тој процес, но потребни се и локалните власти, разните државни институции, медиумите, бизнисот, граѓанското општество, сите тие заедно да го одиграат својот удел во овој проект од национален процес, рече Гир.

Евроамбасадорот повтори дека целиот овој процес треба да биде придвижуван од самата држава, но и на локално ниво.

– ЕУ служи како магнет кој на повеќе начини може да ја привлече Северна Македонија поблизу до единственит пазар, давајќи поддршка на многу различни аспекти, но на крајот на краиштата, придвижувањето треба да потекне од државата. И затоа велам дека станува збор за национален проект во кој се вклучени сите, истакна Гир, нагласувајќи ја важната улога на медуимите и граѓанското општество во овој процес.

Потребно е, вели евроамбасадорот, медиумите и граѓанското општество да имаат многу важна улога во надзорот и да се критички настроени, бидејќи тоа помага во развојот на политиката и во самиот процес на пристапување.

Поврзани новости