За да се променат нештата, треба политичките интереси да се стават настрана, а фокусот да биде на националните интереси, порача денеска евроамбасадорот Дејвид Гир на форумот „Еуропеум 2023 – 20 години од Самитот во Солун: патот пред нас“.
„Прашањето за уставни измени, што е суверена одлука на оваа земја, е важен чекор што треба да се преземе, што автоматски ќе води до втората меѓувладина конференција. Многу е важно да има отворена дебата за оваа прашање и за тоа кои се интересите на земјата“, изјави Гир.
Тој ги повика политичките партии да ги надминат поделбите и да се обединат околу прашањето за влез во ЕУ.
Гир се наврати и на самитот во Солун пред 20 години кога Унијата имаше само 15 земји-членки. Посочи дека од тогаш до денес има постигнато огромен напредок во Западен Балкан.
„Во изминатите 20 години пристапувањето на земјата во ЕУ беше блокирано како резултат на три вета, со што кредибилитетот на ЕУ беше сериозно нарушен и разбирливо е што луѓето се фрустрирани“, рече Гир.
Тој додаде дека исто така има и одговорности од страна на партнерите во регионот.
„ЕУ не е главен одговорен за нивните неуспеси во спроведување на реформите, но и за прашања како борбата против корупцијата и владеењето на правото. Не треба да се негира напредокот, но исто така треба да се разговара и за одговорноста“, рче евроамбасдорот Гир.
Тој кажа дека проширувањето на Унијата е во нејзин интерес, бидејќи таа има потреба од безбедност, стабилност, просперитет и демократски развој.