Д-р Михајло Вангелов е гинекологот кој е казнет со парична казна поради пропусти во третманот на родилката чие новороденче почина во битолската болница непосредно по породувањето. Вангелов е истиот гинеколог кој во јануари 2021 година и дозволи на својата сопруга од Србија да врши царски рез во клиниката, иако таа не била вработена во клиниката и немала дозвола за работа во земјава.
Михајло Вангелов е инаку советник во Советот на Општина Битола од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
ДСЗИ по извршениот инспекциски надзор утврди дека има пропусти во третманот на родилката. Здравствените инспектори го казнија Вангелов со две глоби. Едната е во износ од 250 евра и е за запоставување на пациент.
„За константираните недостатоци од страна на ДСЗИ ќе бидат изречени прекршочни мерки за д-р М.В., за правното лице и за одговорното лице во правното лице врз основа на чл.48-а ст.1 т.1 и 2 и ст.2 и 3, а во врска со чл.6 од Законот за евиденции во областа на здравството. За д-р М.В. ќе биде изречена и прекршочна мерка по чл.313 ст.1 т.2 од Законот за здравствена заштита. Во врска со стручниот дел од лекувањето и третманот на родилката В.К. и нејзиното починато новороденче ДСЗИ ќе иницира стручен надзор, согласно чл.296 од Законот за здравствена заштита“, стои во извештајот од ДСЗИ.
Според Државниот санитарен и здравствен инспекторат родилката се јавила во битолската болница во саботата ноќта спрема неделата, а ја прегледал д-р Вангелов. Пациентката била пуштена дома без отпусно писмо, без евидентирана анамнеза и статус. И било речено да се врати на болница ако ја фатат болки или ако и пукне водењакот.
Во 2021 година Вангелов беше суспендиран заедно со др Гоце Чакаровски, кој е поранешен заменик министер за здравство. Против нив беше покрената и кривична пријава. Вангелов се товареше за две кривични дела, злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа. За истите кривични дела се товареше и Чакаровски, а против сопругата на Венгелов беше поднесена кривична пријава за надрилекарство.
„Двајцата доктори гинеколози во ЈЗУ Клиничка болница- Битола пречекорувајќи ги своите посебни овластувања во вршење на должноста ѝ овозможле на третопријавената на 01.01.2020 без соодветна лиценца за работа издадена од Лекарска комора на РСМ, да даде медицинска помош, односно да изврши оперативна интервенција, породување со царски рез во операциона сала на Одделение за гинекологија и акушерство врз родилка. По завршувањето на интервенцијата, првопријавениот во оперативниот дневник внел невистинит податок, односно во графата податоци за оператор, ги внел своите податоци и податоците на второпријавениот, а од стариот оперативен дневник отстранил страници на кои третопријавената ги запишала извршените оперативни интервенции на 01.01.2021 година“, соопштија од МВР.
Случајот во полиција го пријави вработено лице во битолска Гинекологија.