Гинекологот и Мистер Денис е првиот Македонец номиниран за Греми, за песна која ја напишал за пет минути!

by Fokus

Македонскиот Мистер, кој долги години живее и работи како гинеколог во Малта, Денис Аљуш, е првиот Македонец кој е номиниран за престижната награда Греми, која ја доделува Американската музичка академија.

Годишната церемонија на која се доделуваат Греми наградите со децении наназад го привлекува вниманието на светската јавност и има огромна гледаност. Настанот е место на кое дефилираат најпопуларните имиња од музичката индустрија, а Денис раскажува за ,,Фокус” како се нашол помеѓу номинираните.

Како потсетување, во август тој беше претставник на Македонија на изборот Мистер Супернационал 2021 кој се одржа во Полска.

Вели дека од таму се вратил со голем успех, достигнувајќи до полуфиналето за талент на годината и победувајќи во два предизвици.

-Синглот ,,Јангл самба” компониран од страна на еден од најпознатите романски автори и диџеји, Шон Норвис и перуанскиот виртуоз на ударни инструменти Фабрицио Ел Латино, ме избраа токму мене да го напишам текстот за ова дело.

Соработката помеѓу нас се случи на Малта, каде соработувам и со други музичари, покрај кои се запознав и со американската поп дива Лори Глори, за која напишав четири песни, за нејзиниот нов албум. Помеѓу овие четири песни е и таа, која е номинирана за наградата Греми – открива д-р Аљуш.

Вели дека соработката се случила спонтано, а очекувањата на почеток му биле речиси никакви, со оглед на тоа што во минатото никогаш немал соработка со тимот на Лори.

-Во еден момент, песната не требаше ниту да биде снимена, бидејќи Лори беше во дилема дали ја сака истата или не. За мене, песната беше посебна уште од првиот момент кога ја слушнав, и искрено, ја напишав за пет минути! Има посебно значење за мене, бидејќи ја пишував во еден преемотивен момент, со многу помешани емоции. Таа треба да ги инспирира луѓето за нов почеток, за нова среќа по секоја тажно завршена љубовна приказна – појаснува тој.

Додава дека главните номинации за овогодинешните Греми награди ќе бидат објавени на 23-ти ноември, а главната манифестација, 64-та по ред, ќе се одржи на 31-ви јануари 2022, во Степлс центарот во Лос Анџелес, Калифорнија.
Инаку, Денис (32) е познат на македонската јавност кога пред повеќе од десет години се обидуваше да се пробие во модниот свет. Роден во Скопје, од мајка Македонка и татко Турчин, тој уште од најрано детство се трудеше да си го оствари сонот, да биде успешен во полето на медицината и модата истовремено.

Има завршено магистерски студии на наука во областа на гинекологија и акушерство на универзитет во Малта, а истовремено е и моден директор на брендот Denis Aljush Couture.

Во Малта важи за модна икона и застапен е во многу модни магазини и ТВ емиси. Во постаро интервју за ,,Фокус” изјави дека дошол во Малта со малку пари во џебот и не познавал никого на почетокот. Бил решен да го продолжи образованието од областа на медицината, како и со проекти од модниот свет.

-Со јасно зацртана цел ги надминав сите препреки. Драго ми е што живеам во земја која е доста отворена, каде се живее без предрасуди и непотребни оптеретувања – ни изјави Денис.

Вики Клинчарова

Поврзани новости