Гимназија „Орце Николов“: Наставниците мора да се обединат и да покажат општествена и морална одговорност

by Фокус

Синдикалната организација на Гимназијата „Орце Николов“ од Скопје, излезе со отворено писмо до јавноста за штрајкот на СОНК, зад кој застануваат целосно, образложувајќи ги причините за овој став. „Фокус“ интегрално ви го пренесува нивното писмо:

Засегнати од последните случувања, во исклучително тешки моменти за нас, во услови на силен притисок, од различни инстанци и во различни форми, 42 наставници од гимназијата „Орце Николов“ – Скопје изјавуваат дека го продолжуваат штрајкот. Овој штрајк е наш апел за подигнување на свеста на наставниците дека имаат лична и морална одговорност да изразат солидарност и почитување на работничките права. Наставниците – штрајкувачи целосно застануваат зад барањата на СОНК во кои јасно стојат и ставовите за целосно редефинирање на проектот екстерно тестирање.

Гимназијата „Орце Николов“ – Скопје е гимназија со највисоко реноме во Република Македонија, една од трите најдобри гимназии во државата според резултатите од државната матура, училиште без ниту еден казнет наставник од последното екстерно тестирање, училиште со највисок успех во изминативе пет години, културен амбасадор на државата, носител на многу меѓународни и државни признанија и награди.

Овие аргументи се доволен доказ дека настапуваме исклучиво во одбрана на вистинскиот квалитет и вистинските вредности. Наставниците – штрајкувачи застануваат во одбрана на сите казнети наставници кои поради низа пропусти и недоследности на проектот „екстерно тестирање“ добија парични казни. Исто така, нашиот штрајк е во одбрана на знаењето на учениците кое се обезвреднува со „екстерен квиз“, составен од честопати неважни факти, кои не се квалификатив за знаење.

Сите сме свесни за натрупаните проблеми во образованието, за секојдневните стресови кои ги доживуваат наставниците, за деградацијата на некогаш достоинствената професија наставник, за различните и постојани притисоци, заплашувања со казни од просветните инспекции… Сметаме дека премолчувањето на вистината за проблемите во македонското образование, особено од самите наставници, е недозволив чин на помирување со негативните последици од екстерното тестирање, со административните обврски и со уште многу други проблеми. Токму сега наставниците треба да бидат единствени и да покажат општествена и морална одговорност како интелектуалци.

Синдикална организација на СУГС Гимназија „Орце Николов“ – Скопје

 

Поврзани новости