Ѓилас: СзС не излегува на изборите

by fokus

Претседателот на Партијата за слобода и правда (ССП), Драган Ѓилас, изјави денеска дека Сојузот за Србија (СзС), опозициска коалиција чиј претседавач е тој, нема да излезе на претстојните избори.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Ѓилас оцени дека на сите им е јасно зошто се намалува цензусот и рече дека српскиот претседател Александар Вучиќ „не знае каде удира, бидејќи сè му распаѓа“.

-Дали некој знае колку партии има во парламентот? Па, не знае, дури 32, а самостојни пратеници 21. Дали мислите дека цензусот се намалува за да се зголеми демократијата и да има уште повеќе партии? Сите знаат за што станува збор, изјави Ѓилас.

Тој го претстави планот „Србија 2020“, со кој се предвидува дека шест месеци по смената на Вучиќ, Србија ќе живее подобро и „ќе се врати достоинството на граѓаните“ и дека тоа е можно да се оствари годинава.

Наведувајќи дека верува во програмата, Ѓилас рече дека граѓаните можат да му веруваат, бидејќи тој не само што се занимавал со политика, туку и „постигнал резултати“ со својата фирма и како градоначалник.

Претставувајќи го планот „Србија 2020“ , тој рече дека сега од српскиот буџет се фрлаат две милијарди евра за непотребни проекти, додавајќи дека веднаш по смената на сегашната власт, лекар почетник ќе има плата од илјада евра наместо сегашните 650, додека наставниците ќе имаат почетна плата од 700 евра.

Според Ѓилас, ваквите потези ќе доведат до ланец на промени, бидејќи повеќе ќе се купува, вработува, а граѓаните нема да бидат само „броеви“ на власта.

Пред неколку дена, српскиот претседател Александар Вучиќ кажа дека се залага за намалување на изборниот праг од пет на три проценти, проценувајќи дека ова ќе го „врати животот“ во парламентот, за кој рече дека така ќе биде многу порепрезентативен.

Вучиќ денес, дообјаснувајќи ја оваа идеја рече дека сите што сакаат да учествуваат на изборите се согласуваат со спуштањето на цензусот и дека против ова се оние што ќе ги бојкотираат изборите, додавајќи дека може да ги разбере политички коментари, но праша кое право и е загрозено на опозицијата.

-Ним им е загрозено правото да не можат да кажат еве Српската напредна партија (СНС) има 60 проценти од парламентот, Социјалистичката партија(СП) речиси исто, а останатите речиси и да не постојат.

Поврзани новости