Ги убиле поради „љубов“ во „топлината“ на домот: Можеше ли да се спречи смртта на десетици убиени жени во Македонија?

by Fokus

Дури 22 жени во Македонија биле убиени од 2017 до 2020 година, и речиси сите со убиецот биле во блиска врска – сопружници, вонбрачни партнери, поранешни партнери, а во повеќе случаи имале и заеднички деца.

Од 2008 пак, до 2016 година, биле убиени 70 жени, од кои речиси сите биле жртви на семејно насилство. Според податоците од публикацијата „ Анализа на случаи на Фемициди – убиства на жени во Република Македонија” издадена од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, жените најчесто се убивани таму каде што треба да се чувствуваат најбезбедно, во семејниот дом.

Околу 50 проценти од убиствата се случиле во семејниот дом, околу 25 проценти во дом во кој жртвата живеела сама или пак со родители или други блиски роднини. Мотивот најчесто бил конфликтен однос помеѓу партнерите, љубоморно однесување, сомнежи, а неретко и прекин на врската или развод на бракот, со кој убиецот не можел да се помири. Според повеќе анализи на случаите, на сторителите им се изречени затворски казни од десет до четириесет години, а во три случаи од минатото, биле изречени казни доживотен затвор.

Од достапни податоци од Државниот завод за статистика и други институции, семејниот дом е најнебезбедното место за жените жртви на семејно, односно родово насилство, а загрижувачки е фактот што голем број од жртвите не го пријавувале насилството кое го преживувале. На црната листа на жени од Македонија, чиј живот бил скратен од раката на партнерот во семејниот дом, од завчера е и името на Љ.Г. (46) од Неготино.

За случајот кој ја вознемири јавноста, од СВР Велес за ,,Фокус” изјавија дека обвинетиот П.Н. (51) никогаш во минатото не бил пријавен поради закани или пак насилство, ниту од страна на жртвата, ниту пак од страна на поранешни партнерки. Стравот од осуда од околината, предрасудите, изгубената доверба во институциите, финансиската зависност од партнерот, но и фактот што многу мал број од жените во Македонија имаат имот на свое име, е една од најголемите причини поради кои голем број на жени остануваат под ист кров со насилникот. Напуштањето на заедничкото живеалиште најчесто значи враќање кај родителите, или пак изнајмување на на стан или куќа под кирија, што е недозволиво во повеќето случаи, со оглед на нискиот буџет.

Обезбедувањето на шелтер центри за жените жртви на насилство никогаш не може да биде доволен чекор за надминување на ситуацијата, туку е потребен конкретен сервис на поддршка, односно социјални мерки во првите години по напуштањето на насилната средина, со цел жртвата да се реинтегрира. Финансиска поддршка, материјална помош, вработување, здравствена заштита, е она кое е вистинскиот чекор кон трајно решавање на проблемите на жртвите на семејно и родово насилство, кои собрале храброст да го напуштат насилникот.

-Поради тешката финансиска ситуација бев принудена во повеќе наврати да се враќам кај насилникот. Средствата кои мајките ги добиваат како издршка за децата се исто така приказна за себе. Или не се исплаќаат навремено, или пак се прениски. Спасот го најдов кога заминав на работа во странство – раскажува наша соговорничка која со години трпела физичко и психичко насилство од стана на сега веќе поранешниот сопруг.

Појаснува дека ниту еднаш не го пријавила насилството во полиција, бидејќи била свесна дека со тоа уште повеќе ќе го разгневи насилникот, а додека и било мало детето, немала каде да оди. Вакви и слични приказни, кои ретко се раскажуваат, се секојдневие за многу жени во земјава. Според истражување на Националната мрежа против насилство и семејно насилство, во Македонија секоја трета жена е жртва на семејно насилство. Како уште една причина поради која жените во земјава се многу често оставени на милост и немилост на насилниот партнер поради тоа што немаат свој кров над глава, многу често е и исклучувањето од имотното наследство, како дел од традицијата имотот од родителите да им припадне на синовите. Најголемиот дел од жените не го оствариле своето право на имот и наследување од родителите и се откажуваат од семејното наследство во корист на нивните браќа, како што велат, поради традиција, но и мир во куќа. И додека кај нас уште останува на сила изреката – Женско дете, туѓа стреа, барем според статистиките, немањето своја стреа за десетици жени се покажало како фатално.

Жртвите на семејно и родово насилство, кои се секојдневна мета на насилниците поради тоа што се оставени без конкретна заштита и поддршка, не смеат да останат само статистички бројки, за што се потребни квалитетни родово одговорни политики.

Вики Клинчарова

Поврзани новости