Тројно убиство и самоубиство се случи утрово во селото Глумово и во куќа во Ѓорче Петров.
Според најновите информации на порталот Плусинфо, една од жртвите на трагедијата е Авдиљ Сулејмани, човек омилен во селото, кого сите го знаат и кој бил работлив занаетчија.
Убиени се и неговиот син А.С. и неговиот внук Ар.С., од страна на неговиот роден брат Шабан, кој по убиствата си го одземал и својот живот. Порталот пишува дека засега за мотивите за убиствата може само да се нагаѓа.
На терен во Глумово и во Ѓорче Петров освен полицијата се наоѓаат и екипи на јавното обвинителство кои вршат увид на локациите каде беа пронајдени мртвите тела.
Според првичните информации, двата настани се поврзани, а сите починати лица биле во крвно сродство.
„Во настаните уште едно лице е повредено. Тоа е хоспитализирано и врз него е извршена хируршка интервенција.
Јавниот обвинител издаде наредби за прибирање на сите траги и материјални докази пронајдени на лице место, кои подоцна ќе бидат испратени на вештачење. Телата на починатите лица ќе бидат предадени на обдукција. Интензивно се работи на расветлување на настанот и утврдување на мотивите“, соопштија од ОЈО.