Стари и познати, но и нови непознати имиња, со оглед на големата бројка на пратенички места што ја освои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ „Твоја Македонија“, челниците на СДСМ, која претрпе катастрофален пораз, релативно нови имиња од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ и од здружената албанска коалиција „Вреди“и речиси целосно нови ликови и од „Левица“ и од ЗНАМ ќе влезат во новиот состав на Собранието.
Највисоките позиции во ВМРО-ДПМНЕ на листите ги држат добро познати кадри на партијата, во СДСМ речиси и да нема нови имиња, а ново е тоа што досегашниот вицепремиер за европски праашња, Бојан Маричиќ кој беше на високи функции додека СДСМ беше на власт не обезбеди влез во Собранието.
Изненадување е што на листата за пратеници од ДУИ го нема Артан Груби најблискиот соработник на лидерот Али Ахмети, кој со оглед на најавите дека ВМРО-ДПМНЕ нема да коалиција со ДУИ, ќе остане без функција. Како кандидат на „Вреди“ во Собрание влегува Фатмир Лимани, внукот на Али Ахмети, Весна Бендевска се враќа во Собрание, но овојпат од ЗНАМ, а Димитар Апасиев и Борислав Крмов од „Левица“ќе бидат засилени со уште три пратеници.
Според прелиминарните резулати објавени на Државната изборна комисија за парламентарните избори, според над 99 отсто обработени податоци, Коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 58 пратенички места, Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ е втора со освоени 19 мандати, Коалицијата за Европска иднина на СДСМ, еден мандат полмалку, Коалицијата „Вреди“ освоила 13 мандати, а „Левица“ и ЗНАМ по шест мандати.
„Фокус“ направи анализа на прелиминарните резултати, која партија колку мандати освоила во изборните единици и кој од кандидатите на пратеничките листи си обезбедија место во новиот собраниски состав.
Во првата изборна единица, скопскиот регион, СДСМ освоиле три мандати, ВМРО-ДПМНЕ, 10 мандати, ДУИ и партнерите, исто толку и нивните политичките противници од „Вреди“, „Левица“ два мандати и еден мандат ЗНАМ.
Па така место во Собранието од коалицијата на СДСМ обезбедија лидерот на партијата, Димитар Ковачевски, претседателката на ЛДП, Моника Зајкова и Даниела Николова.
Маричиќ беше четврт на листата и не обезбеди влез во Собрание. Десет пратеници освоија од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а во оваа бројка влегуваат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Гордана Димитриеска Кочоска, Љупчо Димовски од Социјалистичката партија, кој со години е во Собрание, Синиша Стојаноски, Бети Стаменкоска-Трајкоска, Тони Јаревски, Иван Живковски син на професорката Родна Живковска, Љупчо Пренџов кој премина од ГРОМ, досегашната портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, и Иванка Василевска.
Во Собрание влегува и градоначаникот од ДУИ на Сарај, Блерим Беџети и Илир Хасани од АА, кој му беше заменик на Венко Филипче додека тој беше на чело на Министерството за здравство.
Од коалицијата „Вреди“ мандат обезбеди лидерот на Демократскиот сојуз, Изет Меџити и поранешниот министер за здравство од Алтернатива, Беким Сали. Од ЗНАМ и „Левица“ во Собрание влегуваат Бобан Крапејовски, Димитар Апасиев, лидерот на „Левица“ и Реџеп Исмаили.
Во втората изборна единица, кумановскиот регион, мандат си обезбедија поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски и Фатмир Битиќи кој вчера поднесе оставка од потпретседателското место од СДСМ.
Во оваа избрна единица ВМРО освои осум пратнички места и тоа Владо Мисајловски, потпретседател на партијата, Жаклина Пешевска, Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите во Македонија, Бобан Николовски, Бојан Стојаноски, Каролина Насковска, Зоран Коцевски, Бране Петрушевски и Дијана Илиева.
ДУИ од оваа изборна единица ќе ги претставуваат Садула Дураку од Липково познат како „Командант Вентили“ и Скендер Реџепи кој беше во Алтернатива па замина со ДУИ.
Од „Левица влегува“ Амар Мециновиќ, од „Вреди“ со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, Ријад Шаќири и Мерита Колчи Коџаџику. ЗНАМ има два мандати, а први на листата се Даниел Стојчевски и Даниела Белимова.
Во третата изборна единица, штипско, СДСМ освоила три мандати, па така во Собрани останува лидерот на НСДП, Горан Мисовски, а влегуваат заменик претседателката на СДСМ и директорка на УЈП, Сања Лукаревска и министерот за земјоделие, Љупчо Николовски.
ВМРО-ДПМНЕ во оваа изборна единица освои најмногу, 14 мандати, па така коалицијата во Собрание ќе ја претставуваат досегашниот пратеници, Драган Ковачки, Никола Мицевски, Рашела Мизрахи, потоа Игор Здравковски, Никола Коњановски, Благица Ласовска, Миле Лефков, Даниела Христова, Марија Петрушевска, Душко Иванов, Александар Јамалов, Драгана Бојковска, Емил Спасовски, Драгана Арсова.
Во оваа изборна единица Европскиот фронт и „Вреди“ не освоиле мандати, Борислав Крмов од „Левица“ останува во Собрание, од ЗНАМ влегува поранешниот генерал-мајор, Павле Арсоски.
Во четвртата изборна единица, струмичкиот регион, СДСМ освоиле најмногу мандати, па така во Собрание влегува поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, Јованка Тренчевска, досегашниот пратеник од Прилеп, Миле Талески, Соња Мираковска од НСДП и Борче Цветков.
ВМРО со коалицијата освоиле 13 пратенички места, а на оваа кандидатска листа се потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, Антонијо Милошоски, Ели Панова, Дејан Проданоски, Зоранчо Јованчев, Ангелинка Петкова, Петар Ристески, Златко Пенков, Моника Трајанова, Јулија Тушевска, Жан Дрвошанов, Петар Марков и Билјана Кузманова.
По еден мандат освоија ЗНАМ и „Левица“, и ќе бидат претставувани од Миле Цеков и Сашко Јанчев од „Левица“. Албанските партии не освоија мандати и во оваа изборна единица.
Во петтата изборна единица, струшкиот регион, СДСМ има три мандати, па во Собрание останува сегашниот спикер, Јован Митрески, министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска и Митко Трајчулевски.
ВМРО има десет мандати во оваа единица, па во Собрание оттаму влегуваат Ѓорѓија Сајкоски, Олга Лозановска, Сашо Донев, Пеце Милевски, Јован Јаулески, Лидија Петкоска, Мевмед Џафери, Кире Божиновски, Силвана Ангелевска и Грација Бакраческа.
ДУИ заедно со Зијадин Села освоија четири мандати, па во Собрание останува Села поранешен претседател на Алијанса за Албанците која пред изборите се раздели, па Села замина со ДУИ, Муса Џафери висок функционер од ДУИ кој порано беше на високи државни позиции, Арбана Пашоли и Исмаил Јахоски кој стои позади контроверната компанија „Пуцко Петрол“.
Опозициската „Вреди“ освои само еден мандат и тој е на Салим Сулејмани. „Левица“ ќе ја претставува Јована Мојсоска, а Бендевска се враќа во Собрание преку ЗНАМ.
Во шестата изборна единица, полошкиот регион, од СДСМ во Собрание влегува само министерката за одбрана, Славјанка Петровска, од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Дафина Стојановска, Александар Велјановски и Валентина Мирчевска. Девет мандати освои ДУИ, а на листата први девет се лидерот Али Ахмети, Талат Џафери, Илире Даути, лидерот на ДПА, Мендух Тачи, Рина Ајдари, Илир Демири, сегашен министер за здравство, поранешниот уставен судија Сали Мурати и Фатмире Исаки.
Сепак ова се првични резултати и може да има промени, во пратеничките мандати ако се земе во предвид дека дел од пратениците од партиите кои ќе влезат во владината коалиција може да добијат министерски и други функции, па шанса ќе имаат оние кандидати за пратеници кои се поделе на кандидатските листи.
Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ