591
Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, возврати на кривичната пријава што против него ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека оној што ја поднел е правно неписмен и дека треба да му се одземе дипломата. Кривичната пријава од партијата е поради именувањето на директори во државните претпријатија и институции, кои, според ВМРО-ДПМНЕ, се поставени без потребните квалификации.
Тој им даде неколку совети на подносителите нарекувајќи ги „час по кривично право од професорот.“
- Генералниот секретар не ги носи одлуките за назначување, туку Владата како колективен орган. Генералниот секретар дури и не учествува при гласањето. Џабе 11 години на власт кога не го знаете законот за влада
- Доколку едно решение е донесено спротивно на закон, треба да го оспорите самото решение, а не да го тужите носителот на истото. Решението е тоа кое произведува правно дејствие, а не оној кој го носи.
- Доколку Вашите директори беа незаконски сменети, зошто не покренаа постапка против решението за разрешување? Послатка им беше апанажата која брзаа да ја земат. Сите Ваши директори поднесоа барање за апанажа.
- За да кажете дека критериум за избор е членство во СДСМ треба да имате во секое персонално досие на секој избран директор копија од членска карта на СДСМ како доказ дека тоа се барало при изборот.
- Треба да знаете дека лажното пријавување е кривично дело само по себе, а одговара подносителот на пријавата, а доколу е правно лице одговара раководното лице во партијата. Соопштете го името на потписникот на пријавата, само немојте да е правник зошто ова е правно неопростливо незнаење.
- Како знаете дека кандидатите не исполнуваат услови? Сте побарале ли од некој да ви достави доказ дека директорите исполнуваат услови?
- Што знаете вие дека јас знам, па вака неосновано ме обвинувате?