Рашковски доби кривична од ВМРО-ДПМНЕ за именувањето на директори

by fokus

ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава Основното јавно обвинителство против генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, за злоупотреба на службената положба. Според партијата Рашковски ја употребил својата положба и овозможил именување на директори од страна на владата без истите да ја имаат исполнето потребната квалификација.

–Единствена квалификација која тие ја имаат е тоа што се активисти на СДСМ. Рашковски од периодот на негово назначување за Генерален Секретар до датумот на распишување на изборите, во повеќе наврати организирал именување на повеќе ВД директори од страна на владата, на лица кои не ги исполнуваат законските основи за да бидат именувани, но и именувал луѓе кои не биле писмено предложени од надлежни органи, како на пример Управен Одбор, за позициите за кои тоа било потребно – изјави Светлана Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ.

Според неа, СДСМ не бира средства и начин како да ја партизира државата поставувајќи некомпетентни луѓе на позиции директори.

– Рашковски од позиција на Генерален Секретар до владата доставувал решенија без комплетна документација за именување на ВД директори на институции, а именуваните кои требале да имаат писмен предлог за именување од одредена институција, го немале или истиот бил доставен до архивата на Владата и заверен по именувањето на истите. Ова е грубо и свесно кршење на законот, со цел целосна партизација на институциите и нивно ставање под јаремот на партијата на власт – рече Колариќ.

Поврзани новости